Македоника Литера

По трагите на древните цивилизации

Искра Тасевска Хаџи-Бошков

300 мкд.

289 стр./ A5 формат (200x140)

Прочитај извадок

     Во книгата се синтетизирани разновидните проучувања кои се однесуваат на најдревните културни традиции, писма и литератури. Книгата овозможува детален увид во специфичностите на одделните цивилизации, а посебно на древните литератури кои им припаѓаат на тие цивилизации. Во неа се опфатени месопотамската, египетската, индиската и хеленската цивилизација. Посебно се обработени најрепрезентативните книжевни дела кои им припаѓаат на тие цивилизации. 

     Во рецензијата на проф. д-р Венко Андоновски, која е објавена како поговор, пишува дека „книгата на Тасевска Хаџи-Бошкова е идеална хармонија на два пристапи: енциклопедискиот (кој подразбира акумулација и систематизација на научно проверени податоци, синхрониски и дијахрониски) и херменевтичкиот (интерпретација, односно толкување на книжевниот текст)“. – Тасевска Хаџи-Бошкова овде направила научен подвиг... Импресионираат нејзините познавања од десетици научни дисциплини, кои се нужни за да се говори за првите цивилизациски жаришта. Археологија, историја на писмата, религија, филозофија, антропологија, етнологија, митологија – сè е тука, во оваа книга, уредно систематизирано и подредено во систем кој се помни.                                                                    

     Ова е книга по чие читање многу малку нешта се забораваат, зашто се подредени во мнемотехнички систем на идеален учебник. Од друга страна, интерпретациите се доближуваат до идеална книга на херменевтички аналогии, асоцијации и метафори. И уште – во книгава, на еден сосема дискретен и речиси невидлив начин се применети сите современи филолошки методологии на проучување на книжевниот текст, од наратологијата до семиотиката, од структурализмот до деконструкцијата, од иманентниот close reading-метод до теоријата на рецепцијата и проучувањето на улогата на читателот. Тасевска Хаџи-Бошкова се служи со методолошки симултанизам и синестетичност на научните парадигми, за да може да исцеди што повеќе значења од овие не само полисемични, туку и поликултурни први книжевни текстови – пишува Андоновски за книгата на Искра Тасевска Хаџи-Бошкова