„МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА“ НА МЕЃУНАРОДНИОТ САЕМ НА КНИГАТА ВО ПЕКИНГ


„Maкедоника литера" на меѓународниот саем на книгата во Пекинг

На 25 август во Пекинг, ќе се одржи форум на Здружението на издавачи на Кина и Централна и Источна Европа 17 +1, на кој, со свој говор, ќе учествува и Нове Цветаноски, управител на „Македоника литера“, која пак е член на асоцијацијата уште од нејзиното основање. Форумот ќе се одржи на интернет-платформа, а темата е преведувањето на класици од општествените науки и заемното запознавање на цивилизациите.

Од утре (среда, 26 август) до 30 август, во Пекинг, Народна Република Кина, ќе се одржи 27. Меѓународен саем на книгата, на кој, поради ситуацијата со корона вирусот, доминантно учество ќе имаат кинеските издавачи. На саемот своевидно учество ќе има и „Македоника литера“, чии македонски изданија на кинески книги ќе бидат изложени на штандовите на издавачите – партнери со коишто соработува „Македоника литера“. Изданија на „Македоника литера“ на овој саем беа изложувани и во изминатите три години. Годинашниот меѓународен саем на книгата во Пекинг ќе се одржи под мотото „Живеј читајќи“, а една од поголемите манифестации на саемот ќе биде изложбата на книги за деца, на која ќе бидат изложени десет илјади наслови на 14 јазици, меѓу кои и на македонски. Имено, ќе биде изложена серијата на македонски јазик „Најдобрата кинеска литература за деца“.
Инаку, Меѓународниот саем на книгата во Пекинг ќе има и интернет верзија, а ќе се одржи еден месец подоцна, односно од 26 до 30 септември и на кој, исто така, ќе учествува „Македоника литера“. „Македоника литера“ учествуваше и на Првиот меѓународен виртуелен саем на книгата во Кина, кој се одржа на крајот на јули годинава, а го организираше глобалната кинеска медиумска корпорација Кинеска интернационална издавачка група (ЦИПГ).