Македоника Литера

Македонија

Франц Дофлајн
Македонија
600 мкд

Извонредна патописна, научна и документарна книга за Македонија од Германецот Франц Дофлјан, кој во 1917 и 1918 г. ја истражувал Македонија.

Овој труд е еден од најобемните, најбогатите со фактографија и најубавите трудови напишани од странски автор за Македонија. Првпат е објавен во 1921 година во Германија, а во Македонија сега е првпат публикуван и досега беше непознат за пошироката читателска, па дури и за научната јавност.

 Франц Теодор Дофлајн (1873-1924) е еден од најголемите германски зоолози во почетокот на 20 век, кој во 1917 и 1918 година ја истражувал Македонија и за неа оставил извонредна патеписна, научно описна и документарна книга. Книгата содржи и 296 фотографии, цртежи и други графички прилози, во најголем дел снимени и изработени од авторот.

Франц Дофлајн, за време на Првата светска војна, бил еден од најзначајните членови на т.н. 'Македонска земска комисија', составена од 30 Германци и шестмина Бугари, која имала задача за време на војната да ја истражува и проучува Македонија, која за Германија, па и за Европа, дотогаш била најмалку позната европска територија. Комисијата била составена од научници од различни области – археолози, географи, геолози, етнолози итн. Формирана била по налог на германското министерство за надворешни работи и било планирано од собраните материјали да се публикува енциклопедија, која изостанала поради поразот на Германија, но е добиен овој извонреден историски, научен и патописен труд.

Овој исклучително интересен историографски труд за Македонија е придружен и со предговор на проф. д-р Волф Ошлис, кој меѓу другото, пишува:

„Дали Македонците сега знаат какви орли тогаш летале на македонското небо? Какви риби имало во македонските реки и езера? Какви жаби, инсекти, цвеќиња, дрвја, растенија? Колку беше 'шарено' населението во Македонија? Како изгледаа македонските села и градови, какви беа нивните имиња во тоа време? Ако не знаат, но сакаат да дознаат – нека го прочитаат преводот на Дофлајновата книга!

Дофлајн постојано патуваше ваму-таму низ Македонија, истовремено како истражувач и како вљубеник на земјата. ...Беше и мошне даровит уметник: тој пишуваше раскази, црташе, сликаше, ги фотографираше своите откритија... И сите негови дарби се видливо присутни во неговата книга ’Македонија – доживувања и набљудувања на еден природонаучник во придружба на германската војска‘. Една книга што несомнено спаѓа меѓу најубавите, најзанимливите книги за Македонија. Книгата е уникатна документација за Македонија и за македонското секојдневје во Првата светска војна.“

Оваа книга има извонредна научна вредност – таа претставува првиот научен труд за македонската флора и фауна. Речиси сиот позначаен биодиверзитет на територијата на Република Македонија првпат е регистриран, проучен или за научниот свет откриен токму од Франц Дофлајн.

Книгата „Македонија“, поделена во четириесет глави, претставува и првокласна патеписна литература – научните описи Дофлајн ги надополнува со патеписните записи, односно со извонредните описи на природните убавини на територијата на Македонија и на животот на населението во Македонија.