Зоран Тодоровски
Ид его сум
(Македонски историски рефлексии)
400.00 ден.
480 стр., 200 х 140 мм
Книгата претставува зборник на написи, колумни, ставови, коментари, реагирања, полемики и интервјуа, по одделни историски теми и современи политички состојби, главно, објавени во периодот од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 до 2007 година.
Тоа се размислувања и ламентирања за минатите и сегашниве македонски политички состојби во еден мошне сложен и драматичен транзиционен период на македонското политичко и државно осамостојување.
„Текстовите во книгава се своевиден одговор на пишувањата, изјавите, на исполитизираните етикетирања и неаргументираните клевети на некои македонски политичари, партиски апартчици и потпароли, новинари и колеги, а особено на дежурните критичари и сезнајковци за македонските историски теми, на нивните бестијални, инквизиторски, оркестрирани и исконструирани етикетирања, измислици и нарачани пишувања.
Овие текстови се и мој своевиден научен капитал како историчар и современик на актуелните македонски состојби и премрежиња, текстови и ставови коишто не робуваат на наследените историски сознанија и митови и на авторитетите на досегашните државни и партиски историчари. Тие, истовремено, се протест и апел за освестување на неосвестените, револт против фалсификатите и злоупотребите во македонската историографија и против идеологизацијата, селективноста и конзервираните погледи и ставови за одделни настани, процеси и личности во македонската историографија. Или поточно, против сите оние кои настојуваа да ги конзервираат историските вистини и да ги попречуваат демократските процеси во нашата современа македонска држава“ – пишува д-р Зоран Тодоровски во предговорот на книгата.
Текстовите во книгата се групирани во четири тематски целини: нови сознанија; написи - ставови; реагирања - полемики; и интервјуа.