Македоника Литера

Волноумци

Трајче Кацаров
ВОЛНОУМЦИ(избор)
150.00 ден.

Во „Волноумци“ се објавени песни од претходните поетски книги на авторот: „Во подмишките на будилникот“ (1986), „Го следите ли Борхес“ (1991), „Дискретниот шарм на Кус Де Ру“ (1993), Регтајмот на господинот Налче“ (1998) и „Емигрантот Цвик“ (2003). Изборот се појавува 20 години по објавувањето на првата поетска книга на Кацаров, а е проследен со поговор од академик Милан Ѓурчинов.

Во поговорот, меѓу другото, акад. Ѓурчинов пишува: „Поетското писмо на Кацаров се темели врз неколку клучни определби од кои тој не отстапува сите овие години: првата од нив, според нас и есенцијалната, се состои во нескротливата жед и отвореност кон имагинативното, функционалното, што е кај него и продукт на безграничната внатрешна слобода во обликувањето на своите поетски визии, изразувајќи се неретко и како пркос, смелост и дрскост во нарушувањето на обичното, познатото, конвенционалното. Чинам, ретки се кај нас творците кои со толкава идиосинкразија, беспоштедност и доследност војуваат со конвенциите од сите бои и провиниенции, отворајќи простори за својата инвенција и маштовитост, за своите иновации. Светот на Т. Кацаров е еден испреметкан, луцидно и нагласено лудистички хаотичен космос во кој нема место за познатото и стереотипното, а само за – парадоксот и апсурдот, за пародијата и предизвикот на здравата смисла, накусо речено – за едно зачудувачко и збунувачко, негово ’исчитување на реалноста‘“.