Избрани драми

800,00 ден

Анжел Гимера

460 стр., 200 х 140 мм, 2026 г.

Категорија

Анжел Гимера (1845 – 1924) е централна фигура во каталонската литература и еден од најголемите драмски автори од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Тој бил вистински театарски визионер кој успеал да го издигне каталонскиот јазик на ниво на модерен европски драмски израз.

Неговите драми го издржале тестот на времето зашто тој успеал да ги спои локалните каталонски мотиви со универзалните човечки конфликти. Дијалозите се живи, директни и полни со поетска сила, а ликовите особено комплексни и силни кои биле далеку пред своето време во тогашниот европски театар. Неговите дела не се само театарски дела, туку емотивно и интелектуално огледало на човековото страдање и борбата за достоинство, моќни и социјални и психолошки студии за човековата природа, страст и општествена неправда.

Литературното творештво на А. Гимера се одликува со спој на романтизмот и реализмот. Тоа обилува со силни емотивни елементи на романтизмот набљудувани од позиција на секој­дневието и разни социјални конфликти типични за тоа време и опфатени во реализмот. Во својата прва творечка етапа Гимера главно пишува историски трагедии во стих. Потоа тој постепено почнува да внесува пореа­лис­тични елементи и проза, создавајќи драми со силна општочовечка содржина, сместени во рурал­ниот свет и неговите локални општествени норми. Драмите опфатени во оваа книга се дел од неговиот позрел период – тие претста­ву­ваат романтични трагедии со реалистични елементи напишани во три чина и во проза.

Овој избор ги содржи драмите „Барутот“ (1893), „Марија Роса“ (1984), „Прославата на житото“ (1896), „Ќерката на морето“ (1900), „Сонце, сонценце“ (1905). Неговата најпозната драма „Низини“ (1896) претходно е објавена  на македонски јазик, исто така во издание на „Македоника литера“ (2017).

Анжел Гимера е автор на повеќе од триесет драми, две збирки поезија, голем број есеи и говори, неколку кратки раскази и еден кус роман. Дури седумнаесет пати бил номиниран за Нобеловата награда за литература.

Избор, предговор и превод од каталонски јазик: Виолета Стефановска.