второ издание
Светлана Антиќ-Јовчевска
300 ден.
154 стр., 200 х 140 мм, 2024
Во оваа обична животна приказна хронолошки и ретроспективно се испреплетуваат размислувањата за луѓето и настаните низ кои поминува единката низ животниот циклус - од раѓањето, детството, младоста, средната доба... И сето она низ кое минува една генерација од 60-тите години на минатиот век и нејзиното (не)снаоѓање во транзицијата која носи и жртви.
Ова е длабоко искрена проза, што значи дека е и исповедна и отворена, и скокотлива и трогателна. Можеби тој факт полесно го наведува читателот да ја прочита книгата, но книгата пак го наведува да се замисли и да ги забележи овоземските и духовните вредности кои може да се пронајдат во секојдневните нешта на современиот живот. Ова е приказна и за љубовта – за љубовта спрема ближниот и вистината, но и приказна за суровата и грдата страна на животот.
Во оваа приказна огледалото е сместено како симбол на одразот на нашата реалност или фантазија, но авторката на ненаметлив а на уверлив начин ни покажува дека и одразот во огледалото е голема реалност, без оглед дали тоа го одразува ликот или внатрешните рефлексии на личноста. Романот укажува и покажува како едноставниот животен тек се претвора во приказна, како некои од зрнце песок прават животна драма, како други во животната драма не може ниту да истркалаат зрнце песок и – како некој трет од зрнца песок создава убвава градба наречена „Ликот од огледалото“.
Светлана Антиќ-Јовчевска (1960) е автор на книгите: „Патот на вистината – сведоштва за воениот конфликт и егзодусот во Кумановско, 2001“ (2004), „13“ (раскази, 2005), „Ликот од огледалото“ (роман, 2009), „Молчи и танцувај“ (фрагментарен роман, 2020), „Поглед од мансарда“ (колумни, 2023).