драма
Михаил Себастијан
300 ден.
134 стр., 200 х 140 мм, 2025
Во средината на дваесеттиот век драмата „Ѕвездата без име“ била хит во Романија и долго време била на театарските репертоари, а подоцна според неа се снимени два играни филма – во Франција (1966) и во Русија (1979).
Почетокот наликува на социјална драма и на драматуршка фреска на малограѓански менталитет, но потоа добива тек на романтична драма со хумористичен, па и поетичен тек.
Во еден провинциски град во долината Прахова, една вечер непозната девојка е симната од возот на станицата затоа што немала билет. Иако е модерно облечена, нема пари и нема каде да престојува. Вториот главен лик е професорот Марин Мироју, страстен астроном, кој открил ѕвезда која не е обележана на ниедна ѕвездена карта и сè уште нема име. Двајцата емотивно се поврзуваат, но нивната идила набргу е нарушена...
Михаил Себастијан (1907 – 1945), чие вистинско име е Јосиф Мендел Хехтер, бил романски писател, од еврејско потекло, автор на романи, драмски текстови и литературна критика. Роден бил во дунавското пристаниште Браила, а загинал во сообраќајна несреќа во 1945 година. Во периодот меѓу двете светски војни во романската книжевна средина тој бил добро познат по неговите лирски и иронични драми и по урбаните психолошки романи обоени со меланхолија, како и по неговите извонредни литературни есеи.
Себастијан високо се етаблирал во романската литература како драматург со драмите „Ѕвездата без име“ (1942) и „Празнична игра“ (1936). „Последен час“ или „Островот“ бил недовршен текст, тој ги напишал само првите два чина, а третиот го завршил неговиот пријател Мирча Штефанеску.