фототипно издание
К. Рацин
150 ден.
32. стр., 200 х 140 мм, 2025 г.
Фототипно издание на првото издание од 1939 година на култната книга на Кочо Рацин „Бели мугри“. Оригиналното издание е печатено во Самобор, Хрватска, а како место на издавање стои Загреб.
Во својата книга за Рацин „Поглед острана. Рацин (1908 - 1943)“ („Македоника литера, 2023) акад. Горан Калоѓера за печатењто на „Бели мугри“ пишува:
- Поради интензивниот прогон на белградската тајна полиција, Рацин морал да се повлече од Белград во Загреб. Доаѓањето во Загреб било мотивирано и од одлуката неговата збирка да се печати во Загреб, но според партиската организација Самобор бил многу подобра дестинација, првенствено поради помалку тајните полицајци и агенти. За личното обезбедување на Рацин бил задолжен Јосип Цази, секретар на партиската организација во фабриката „Вентилатор“, која била сопственост на антифашистот Павло Копорчиќ. Цази ги презел сите можни мерки Рацин да помине неколку дена безбедно на улицата Буцоњиќева, но сепак спиел во кујната поради еден прозорец во дворот од куќата од каде што во случај на провала можел да избега. Контакт и со печатарот Шпулер можел да оствари и Златко Прица, кој долго време живеел во Самобор, но и самоборскиот поет Штеф Хржиќ. Според сведочењето на Ивица Судник, Рацин се појавил во Самобор во ноември 1939 година. Пристигнал со локалниот воз „самоборчек“ и се упатил право кон печатницата на Шпулер на Перковчевата улицата, бр. 20. Според кажувањата на Шпулер, Рацин веднаш му се допаднал како личност и се согласил да му отпечати 400 примероци од збирката. Рацин му рекол дека го препорачал самоборскиот поет Штеф Хржиќ, банкарски службеник во Загреб. Меѓу другото, Рацин побарал од Шпулер да ги печати неговите песни на македонски јазик, на кирилско писмо, во издание од 400 примероци. Проблем се јавил со кирилските букви, меѓу кои немало конкретни ознаки за македонскиот јазик, но тоа е решено со договор Рацин да ја изврши коректурата и да ги стави оние букви кои се најприспособливи на македонскиот јазичен израз. На коректурата на Збирката работеле двајцата, Шпулер и Рацин, а им помогнал и професорот Јураниќ, најверојатно поради неговите искуства како учител во Софија, каде неколку години работел како професор во гимназијата. Станко Вугринец бил графичарот кој рачно го пишувал отпечатокот, а во работата му помагала сопругата на Шпулер, Марија. На денот на примопредавањето на книгата (збирката), во сабота, 25 ноември 1939 година, нешто по дванаесет часот, Рацин пристигнал во Самобор, каде што Шпулер му предал четири пакети од печатената збирка. Секако, тешко е да се опише задоволството на Рацин кога пред себе видел 400 примероци од неговата збирка.