Македоника Литера

Раскажани стихови

историја за една љубов

Марина Димитриева - Ѓорѓиевска

300 ден.

108 стр., 200 х 140 мм, 2026

Збирката „Раскажани стихови – историја за една љубов“ е љубовна лирика со изразена наративна линија. Поднасловот и симболичните наслови на циклусите – „Раѓање на трепетите. Живот“, „Граници“, „Последици“ – го водат читателот низ еден емотивен пат, низ историјата на една љубов: нејзиното раѓање, будење, траење и згаснување.

Иако секоја песна функционира како самостојна мотивско-тематска целина, збирката во целост се чита како еден долг лирски наратив – психоемотивна мапа на зрела и свесна љубов. Љубовта овде не е наивна, спонтана или патетична, туку доживеана и испеана од перспектива на жена која знае да чувствува длабоко, но и да се соочи со сопствените граници.

Лирскиот субјект не ја доживува љубовта како обврска или принуда, ниту пак крајот како место на конфликт и огорченост. Напротив, дури и по нејзиното прекинување, љубовта останува простор на благодарност, освестување и учење за постоењето. Таа, љубовта, иако изгубена, станува учителка – за животот, за причините да се сака и за вредноста на миговите поминати во среќа.

Јазикот на збирката е едноставен, прецизен и стегнат, со внимателен спој на секојдневен говор и архаични изрази. Од идеализација, преку ментален и емотивен раст, саканиот постепено се преобразува – од конкретна личност во космичка фигура, за на крајот да стане најубав спомен.

Низ стиховите провејува тивка тага, која не води кон очај, туку кон преобразба во внатрешна сила – сила со која постоењето не го одредуваме преку другиот, туку преку себеси.

Ова е книга за љубовта што не нè прави само среќни, туку и свесни – за себе, за љубениот и за вистината на постоењето, кое има свој почеток и свој крај.

Книгата содржи близу 80 песни.

Марина Димитриева – Ѓорѓиевска (Скопје, 1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна го завршила и магистерски и докторски студии. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).