Павле Раковски
Во длабока ноќ зората се раѓа
(прв том од необјавените историографски дела на авторот со наслов „Македонците и Граѓанската војна во Грција“)
300.00 ден.
Павле Раковски е еден од најистакнатите и клучните личности од македонското ослободително движење во Егејска Македонија, односно од периодот на Граѓанската војна во Грција, во која беа вклучени и Македонците и врз нивниот грб се случија најголемите преломи и катастрофи во тие воени пресметки.
Иако е еден од клучните личности во организирањето на македонската борба во тој дел на Македонија и во тој период, Раковски беше неправедно запоставен, игнориран и ограничен во своите права и слободи, а ниту му беше дадено праведно и објективно неговото место во тие процеси од страна на македонската историографија.
Во оставината на Павле Раковски има дваесетина ракописи, подготвени од него за објавување, но ниеден од нив и по повеќе години од неговата смрт, сè уште не беше објавен. Во сите нив, од повеќе аспекти, и документарно и мемоарски, се опфатени многу настани пред војната, за време војната и после војната во Република Македонија и надвор од неа. МАКЕДОНИКА има намера да ги објавува сукцесивно, во неколку тома.
Во оваа книга, која со поднаслов е дообјаснета „сеќавања, размислувања, сознанија“, а напишана од авторот уште во 1972 година, Раковски запишал сеќавања за настаните од своите најмладите години, наведени се хронолошки сите периоди од неговото учество во сите настани за време Првата светска војна и Граѓанската војна во Егејска Македонија (од 1941-1949) – неговото активно вклучување во раководните органи во разни организации, директно и индиректно. Записите содржат единаесет глави каде се наведени сите позначајни настани од тој период, почнувајќи од самото формирање на првите македонски воени единици, појавата на првата македонска привремена азбука, како и разни воени организации, здруженија, па првиот оркестар, првите учителски школи на македонски јазик... Всушност, во оваа книга се опфатени голем број настани случувања, сеќавања, размислувања и многу документи со цитирана литература.
Раковски на почетокот ги набројува мотивите кои го поттикнале да го напише овој труд, сметајќи го како што вели самиот тој „интересен за историчарите“, а податоците што ги наведува како корисни „изворни информации за секого што се интересира за судбината на нашиот народ во грчката држава“. Текстот, поделен во единаесет глави кои понатаму се расчленуваат на десетина и повеќе заокружени целини, претставува низа од меѓусебно поврзани настани, кои се одвиваат во согласност со проблемската концепција на авторот. Имено, целата содржина на текстот е во функција на докажување на основната теза на авторот, а тоа е како што впрочем самиот ја квалификува, „политиката на полното игнорирање на македонското национално прашање“, „војната против македонската национална идеја“, „опортунистичката“ политика на КПГ, поткрепена со негова лична, субјективна анализа на настаните, на решенијата и на постапките на политичките кадри и потврдена со негови лични заклучоци во прилог на главната теза.
Д-р Катерина Мирчевска, во предговорот на книгата, меѓу другото, пишува:
„Раковски говори за обвинувањата на КПГ против македонските раководители на НОФ, вклучително и самиот тој, кои се квалификуваат како „Титови агенти“ кои соработувале со Југославија, па според тоа и виновници за поразот на ДАГ во Граѓанската војна во Грција. Директната инволвираност на авторот во ова подготвувано сценарио на грчката комунистичка партија, на чиј краен чин му претходела цела низа од настани и документи (резолуции), кои постепено но сигурно воделе до крајна цел, предизвикувајќи притоа натамошно нарушување на односите меѓу самите македонски раководители, се чини како дополнителен мотив за изработката на овој ракопис, кој Раковски не го наведува отворено.
Иако, заедно со другите уапсени македонски раководители, ја споделува судбината на советски политички затвореник во годините по Граѓанската војна, сепак, по неговото враќање во СР Македонија, и понатаму ги чувствува последиците од нарушените состојби во рамките на македонското политичко раководство, кои и во тие времиња сè уште се отворени.“