БРИТАНСКИ ДОКУМЕНТИ ЗА ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА (1901-1904)
Вовед и редакција: д-р Александар Трајановски
500,00 ден.
Во зборникот „Британски документи за историјата на Македонија“ (1901-1904), коиздание со Државниот архив на Република Македонија, на околу 560 страници се објавени 233 документи кои се однесуваат на илинденскиот период, односно избрани архивски материјали за најзначајните и најбурни настани од поновата историја на Македонија и македонскиот народ и воопшто од историјата на Османлиската Империја (главно европскиот дел на Турција), која и во почетокот на ХХ век с# уште се простирала на Балканскиот Полуостров.
Селектираниот избор на дипломатските документи е направен од обемната документација донесена од Државниот архив на Велика Британија во Лондон, од фондот - Министерство за надворешни работи, која се чува во Државниот архив на Република Македонија во Скопје (ДАРМ) во микрофилмови. Со овој шести том британски документи, всушност, продолжува едицијата на архивски материјали „Британски документи за историјата на Македонија“, кои порано беа подготвувани под редакција на Христо Андонов-Полјански, во поново време на Драги Ѓоргиев, а ги објавуваше ДАРМ.
Во овој зборник на документи е опфатен периодот кога Османлиската Империја преживувала длабока општествено-економска и политичка криза како резултат на продирањето на европскиот капитал. Тоа било времето кога во Империјата владеел т. н. „крвав султан“ Абдул Хамид (1876-1909).
Во почетокот на зборникот „Британски документи за историјата на Македонија“ (1901- 1904) е сместен незначителен број избрани документи посветени на економската историја, поткрепени со статистички и табеларни показатели.
Во првиот дел од Зборникот на документи се претставени голем број извештаи за ширењето на револуционерното движење, дејствувањето на комитските чети, судирањето на четите на ТМОРО со силите на османлиските власти во Македонија, акциите на вооружените чети уфрлени од Бугарија, Србија, Грција и на албанските разбојнички банди, движењето и мобилизацијата на османлиската војска, грабнувањето значајни личности од тој период и барањето откуп за нивно ослободување (Мис Стон), солунските атентати, грабежите и злосторствата вршени од страна на аскерот и башибозукот, описи на османлиските затвори и сли£но.
Во Зборникот забележително место наоѓаат подготовките за оружено востание во Македонија (Илинденското), текот и поразот на востанието, разурнувањето на села и воопшто повеќе урбани населби, куќи и специјализирани згради (училишта, цркви, манастири и сл.), масакрирањето на населението, санкциите и затворањето, положбата на македонските бегалци, амнестирањето на политичките затвореници и др.
На крајот на зборникот со документи е објавен и регистер на лични имиња.