Павел Шатев
Борис Сарафов – биографија
(Материјали – том 2)
350 ден.
152 стр., Б5 (240 х 170)
Личноста на Борис Сарафов во македонското револуционерно движење досега не е целосно научно проучена и валоризирана.
До Втората светска војна македонските интелектуални дејци во Бугарија, па и неговите соборци и учесници во македонското револуционерно движење, не објавија посериозен труд за улогата на Борис Сарафов во македонското дело. По Втората светска војна и македонската историографија, па и бугарската, кои со години ги проучуваа, анализираа и расветлуваа процесите, настаните и личностите на македонското револуционерно движење и пројавите, поделбите и судирите во Македонската револуционерна организација, објавувајќи томови книги за нив, во своите научни проекти го избегнуваа поцелосното и попродлабочено проучувањето на револуционерниот профил на Борис Сарафов. Во македонските историски трудови, Сарафов, главно, е претставен како офицер на бугарската армија, учесник во импровизираните востанија и акции, врховист и припадник на пробугарското крило во Македонската револуционерна организација, авантурист по европските престолнини, склон на собирање средства за Организацијата и нивно ненаменско расфрлање и трошење, додека неговите соработници и приврзаници беа нарекувани „врховисти“ и „сарафисти“.
Ваквата потреба за објавување труд на севкупното револуционерно дело на Борис Сарафов ја уочил и Павел Шатев, кој за време на својот престој во затворот во Ќустендил, во периодот 1942-1944 година го напишал овој труд. Книгата на Павел Шатев за Борис Сарафов не е класична биографија за овој македонски револуционерен деец. Всушност, текстот претставува анализа на неговата револуционерна дејност, преиспитување на објавените трудови, написи, спомени, сеќавања и изјави од неговите соработници и современици, еден вид трактат за неговите револуционерни, морални и етички поведенија. Истовремено е и тестаментарен завет на Шатев за презентирање на вистинскиот лик на актерот што ги обезбедил парите за купување на динамитот за извршување на солунските атентати, во кои и Шатев беше еден од учесниците.
Преку овој ракопис посветен на Борис Сарафов, Павел Шатев не само што се осврнува на најважните настани од револуционерното минато на Македонија и на македонскиот народ, туку во него се содржани и неговите погледи, опсервации, размислувања и констатации во однос на историските настани, процеси и личности од македонската историја, како и за македонските проблеми и за потребите и методите за изнаоѓање решение за македонското прашање.
Павел Шатев е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци, политичари и државници. Како публицист на поголем број трудови и автор на повеќе необјавени ракописи за историското минато на македонскиот народ, тој се легитимира како прв македонски научен историограф.
Револуционерната дејност на Павел Шатев е интегрално вткаена во најсудбоносните собитија на македонското национално ослободително движење како непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато. Неговата револуционерна дејност, главно, може да се подели, главно, на три периоди: анархистички, национално-федералистички и комунистичкиот период.
Павел Шатев, легендарниот гемиџија, македонскиот национален деец, државникот во првата македонска влада, единствената политичка личност со три полициски досиеjа – бугарско, руско и македонско, почина осамен, напуштен и разочаран од новата македонска комунистичка власт. Тоа што не го сторија турските „Едикулиња“ и „Фејзани“ и бугарските участоци и логори, го сторија македонските власти со интернирањето во сопствената татковина, на која ѝ го посвети целиот свој револуционерен живот.