Павел Шатев
500 мкд
Павел Шатев своите спомени, под работен наслов „Од поуките во минатото учиме за чекорите во иднината“, ги напишал во затворот во Ќустендил, Бугарија, во периодот од 22 ноември 1943 до 7 мај 1944 година, во ракописен обем од 931 страница. По завршувањето на Втората светска војна се вклучува во политичкиот живот на новата македонска власт и тие остануваат без довршена авторска редакција. Тие првпат се објавени по 70 години откако се напишани и по 62 години по смртта на Шатев.
Спомените на Павел Шатев, за разлика од многубројните спомени на македонските револуционерни дејци, не се само спомени и реминисценции за неговата богата револуционерна дејност, туку претставуваат историографска студија, полна со анализи, размислувања, идеи, констатации и реконструкции на македонските револуционерни и политички состојби, на состојбите и политиката на балканските држави кон Македонија и на политиките на големите сили кон Балканот и Македонија.
Спомените на Павел Шатев претставуваат не само негова животна исповед, туку и своевиден преглед и анализа на најглавните манифестации и политичките состојби на Балканот и Европа од крајот на 19 и првата половина на 20 век, што покрај Димитар Влахов, едвај ќе се најде во македонската историографија таква изградена револуционерна и политичка личност со такви продлабочени размислувања, констатации и анализи. Во спомените Шатев дава оценки за големите пресврти во македонскиот историски развој, такви како што биле и такви како што тој ги видел, водејќи се од големата историска одговорност при нивното презентирање.