Македоника Литера

Записи за нацијата и државата

Павел Шатев

ЗАПИСИ ЗА НАЦИЈАТА И ДРЖАВАТА 

500 мкд 

Овој том содржи над педесет текстови на Шатев, кои тематски се поврзани со суштински прашања за Македонија и состојбите со неа во периодот на дваесеттите, триесеттите и четириесеттите години на 20 век.

Една третина од статиите досега воопшто не се публикувани, а другите се објавувани во весници и во списанија во Бугарија (пред 1944 година) и во Македонија (во 1944 и 1945 година, во весникот „Нова Македонија“). Еден дел од статиите на Шатев се однесуваат и на историјата на Македонија и на македонското револуционерно движење.

Во првиот дел на зборникот се содржани необјавените ракописни материјали на Шатев, што ги пишувал веднаш по ослободувањето на Македонија, односно во последните години од неговиот живот. Текстовите може да се поделат на неколку теми: историски (од историјата Македонија и на југословенските народи и за актуелните аспекти на Федеративна Југославија), културни (за настани и личности од македонската културна историја), политичко-теориски (за теоријата на „ленинизмот“), економски (за актуелните економски состојби и за природните богатства на Федерална Македонија).

Во вториот дел на зборникот се содржани објавените статии и написи на Павел Шатев во весниците на македонската емиграција во Бугарија, „Независна Македонија“, во органот на Илинденската организација, „Илустрација Илинден“, во органот на ВМРО (Обединета), „Македонско дело“, и во весникот „Нова Македонија“, веднаш по ослободувањето на Македонија.

Неговите објавени статии може да се поделат на два дела. Во првиот се статиите пишувани од 1923 година до 1939 година, за време на неговото дејствување во редовите на македонските легални револуционерни организации во Софија и во Виена. Во нив, Шатев, главно, ја третира темата: Македонија и решавањето на македонското прашање. Во рамките на оваа главна тема, Шатев ги разработува и ги афирмира прашањата за обединување на македонската емиграција во Бугарија; за историјата на македонското националноослободително движење; за политиката на балканските влади кон Македонија, посебно за политиката на бугарската влада кон македонското револуционерно движење; за шовинизмот на белградската влада и за насилствата на грчките власти; за феноменот на четништвото во македонското револуционерно движење; за македонските бегалци; за потребата на заеднички фронт на македонското ослободително движење со сите угнетени народи и национални малцинства на Балканот; за меѓусебните убиства во редовите на михајловистичката и протогеровистичката ВМРО; како и повеќе теми за македонското националното прашање и за решавањето на националното прашање во Советскиот Сојуз.

Во вторите, помал број, статии пишувани во Скопје во 1944-1945 година, веднаш по ослободувањето на Македонија, Шатев, меѓу првите македонски револуционерни и политички дејци, го разработува прашањето за „македонската држава, нација и култура“, а пишува и пригодни статии за Гоце Делчев и за Кирил и Методиј.