Македоника Литера

Христо Матов

Владо Поповски

500 мкд

300 стр./ 22 см.

      Монографијата за Христо Матов (1869-1922), кој е еден од најзначајните раководители на Внатрешната македонска револуционерна организација, е објавена во рамките на едицијата „Македонски дејци“.

      Матов заземал истакнато место во највисоките раководства на Македонската револуционерна организација. Бил првиот претседател на Скопскиот револуционерен комитет. Во Скопје ги поставил основите на М.Р.О., каде што бил и директор на Педагошкото училиште до летото 1898 година. Од есента 1898 година па до пролетта 1901 година Матов е член на ЦК на ТМОРО, а од ноември 1902 до 31 декември 1904 бил член на Задграничното претставништво на ТМОРО во Софија. На таа положба бил и во 1907-1908 до Младотурската револуција.

      Христо Матов бил вклучен и во изградбата на системот на МРО: ги поставил и ги дефинирал, речиси, сите прашања поврзани со програмските цели, со основите, принципите и формите на револуционерната дејност на Внатрешната македонска револуционерна организација, како и со устројството, со политиката и со односите кон внатрешните и надворешните фактори. Христо Матов бил и еден од водечките личности во Македонската револуционерна организација вклучен во идејните расправи и во идејното и политичкото насочување на ВМОРО по Илинденското востание, особено по општиот Рилски конгрес од 1905 година. Тој бил еден од најзаслужните личности кои ја додржале Револуционерната организација да не се распадне и да не се претвори во одмаздничка групација, по тешките потреси во 1907-1908 сврзани со крвавата саморасправа во ВМРО и со конечниот раскол во неа.