Аугуст Шеноа
200 мкд
„Просјакот Лука“ (1879) е едно од најдобрите дела на највлијателниот и најплодниот хрватски писател од 19 век, Аугуст Шеноа. Првиот вистински хрватски романописец во ова дело се интересира за малите човечки судбини и мајсторски ги претставува општествените слоеви и состојби на своето време – третирајќи ги моралните односи меѓу социјалните слоеви и односите меѓу селото и градот.
Во приказната има просјачка колиба, селска крчма, циганска кола, селска куќа или магистрат и галерија ликови наспроти просјакот Лука: пијаниот селски старешина Јанко, пропаднатиот селски старешина Јанко, пропаднатиот писар Микица, Циганинот Угарковиќ, неговата жена Ката, крчмарката, просјакот Мато, селани, господа од градската управа и, како спротивност на сите – девојката Мара. Во приказната има и љубов, и самопочитувања и подлост и човечки вредности... Дејството се движи од едно во друго зло, од помало во поголемо, а кога се наближува кулминацијата – просјакот Лука се преобразува во Човек.
Во „Просјакот Лука“ се присутни социјалните елементи. Приказната се занимава со приказот на сиромашниот просјачки слој и со причините за просење кои се опишани во ликот отфрлен од сите. Шеноа воопшто не е благ во описот на општеството кое толку грдо и грубо се поставило спрема еден човек. Токму тоа општество е одговорно што главниот лик Лука со секој минат ден има сè помалку човечност во себе, иако длабоко во себе тој посакува да живее чесно како и другите луѓе. Текот на приказната има две нивоа: текот на општествените настани кои влијаат врз однесувањето на ликовите и животот на просјакот Лука, прикажан од раното детство до раната смрт. Дејството се случува во едно запустено и неуредно село крај Сава во близината на Загреб, познато по тоа што во него нема ни училиште, ни црква, но има процут на крчми...