Киро Донев
(трето издание)
250 мкд
158 стр./ A5 формат (200 x 140), 2022
Книгата содржи близу четириесет пиески (едночинки) за деца, со теми од животот на современо дете: домот, училиштето, улицата, детската игра, природата... Покрај децата јунаци (главни и споредни), во пиеските се сретнуваат и „претставници“ на животинскиот и растителниот свет, но и птиците, инсектите и таквите мали-големи нешта од секојдневјето кои човекот не ги забележува многу, а се многу важни во животот и на луѓето, но и за рамнотежата во природата.
– Оваа книга, всушност, е мозаик од куси драмски текстови, во коишто доаѓа до израз искуството и богатата творечка фантазија на авторот, на чии крилја детските желби и соништа си ја наоѓаат вистинската „земја на соништата“, но авторовото чувство и хуморната интонација на детското секојдневие. Преку тие куси секвенци од животот на децата, авторот на одбран начин им покажува: што можат, а што не смеат да го прават. Но тоа не го прави со некоја „разголена“, отворена дидактичност, ами со своевидна, уметничка мерка. Моралната поука се чита меѓу редовите на пиеските. Таа доаѓа самата по себе. Воспитните елементи, или моменти, произлегуваат од самата содржина. Од материјата вообличена во уметнички, драмски текст.
Македонското драмско творештво за деца, за разлика од тоа што е наменето за возрасните, сè уште е на маргините во драмската литература, воопшто во македонската литература и во театарската уметност во Македонија (училишна, аматерска, па и професионална). Евидентен е таквиот недостиг, а тоа им е многу потребно на многубројните драмски секции во училиштата и градинките по разните поводи, ама и за самопотврдувањето и креативното изразување на најмладите, кои сакаат еден ден да бидат: артисти, режисери, и сценаристи... Во таа смисла, оваа книга е драгоцен прилог за драмското творештво за најмладите, а авторот со своето творештво е потврден и во овој вид книжевен жанр.
Книжевните вредности на Киро Донев се високо потврдени во македонската литература, но и во странство со преводот на негови дела во други јазични средини, а ова негово дело претставува несекојдневен прилог и дополна на квалитетната македонската литература за деца.