Ана Багрјана
200 мкд
Книгата „Приказни од скопскиот парк“ е илустрирана од самата авторка, а содржи раскази за деца инспирирани од Скопје и напишани за време на неодамнешниот неколкугодишен престој во Скопје. Преводот е на Ленче Тосева.
Книгата содржи осум раскази за деца од помала возраст во кои се раскажуваат доживувања од секојдневјето на децата во коишто дидактиката доаѓа од втор план, а приказната на крајот носи своја порака. Авторката во овие раскази раскажува за светот на градскиот парк, односно за птиците и животните чиј дом е природата, но живат и во градот. Преку приказните за нив доаѓа до израз луцидниот, наивен и занимлив свет на децата и на живиот свет во паркот. А за тоа, авторката пишува:
„Како може да им подариш на верверичките новогодишен празник? Кој може да се нарекува вистински приjател? Зошто на жабите подобро им е да живеат во езерото во паркот? Дали е можно да го видиш целиот свет од врвот на стариот багрем? Што е тоа мудрост и каде се чува таа?
Одговорите на овие и многу други прашања ќе ги кажат хероите на нашите приказни. Тие живеат во обичен градски парк. Но овоj парк е необичен. Тој е волшебен свет полн со доживувања и тајни. Животни, луѓе, птици, инсекти, дрвја, облаци... Сите тие умеат да се радуваат, да тагуваат, да сонуваат. Исто така, веруваат во чуда. Затоа што чудата се наоѓаат наоколу нас.“
Ана Багрјана (1981) е поет, прозаист, драматург и преведувач. Завршила украински jазик и литература во Киев.
Автор е на поетските книги „Соцветие од зборови“ (2000), „Сред виолетовите соништа“ (2002), „Меѓу боговите и нас“ (2005), „Прошетка по jаже“ (2008), „Другите линии“ (2009), „Баење од љубов“ (2011); романите „Етимологиjа на крвта“ (2008), „Толку необична љубов“ (2010), „Дошкуљака“ (2012); книгите со проза за деца „Животи на истакнати деца“ (2010), „Приказни од градскиот парк“ (2014), „Генја“ (2015), „Остварени мечти“ (2015); повеќе драмски дела, раскази и критички статии, обjавени во антологии, алманаси и литературни списаниjа. Изведени се претстави со пиеси и либрето на Ана Багрjана во Украина, САД и Македониjа.
Преведува од словенски jазици. Превела и неколку дела од македонски на украински јазик од Киро Донев („Весел зоо парк“, „Збркана сказна“, „Јамболија што лае“), Натали Спасова („Прва љубов во Розевата улица“ и „Запалка“), Ристо Василевски („Храм, сепак храм“), Фросина Пармаковска („Вишнова хроника“), Трајче Кацаров..., а во украински книжевни весници, списаниjа и саjтови обjавила голем број преводи на песни, раскази и драми од македонски автори, како и статии за современата македонска книжевност. Составувач и преведувач е на „Антологиjата на современата поезиjа на Република Македониjа“ (2012) на украински jазик.
Наградена е со повеќе украински и меѓународни книжевни награди.
Неjзини дела се преведени на полски, азербеjџански, бугарски, руски, македонски, француски, англиски, латвиски, ерменски, албански, српски, хрватски и на други jазици. Книгите на Ана Багрjана се обjавени во Белгиjа, Полска, Азербаjџан, Бугариjа, Србија, а во Македониjа се објавени: „Толку необична љубов“ (2010) , „Пиеси“ (2011), „Ѓерѓеф“ (поезиjа, 2012).
Учествувала на сите поголеми и позначајни книжевни манифестации што се одржуваат во Република Македониjа, а трипати учествувала и на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Од 2009 до 2015 година привремено живееше во Скопје.