Натали Спасова
150 мкд.
118 стр./ A5 формат (200x140)
„Двете принцези“ е авантуристички роман наменет за деца, раскажан динамично со што се задржува нивното внимание. Низ една забавна и возбудлива приказна, овој роман ги поттикнува децата да ги прифаќаат разликите, да одбиваат дискриминација и да бидат поотворени кон другите култури и начини на живот. Ги промовира концептите на толеранцијата и мирот, но и хуманоста и споделувањето.
Во дијалозите на две девојчиња е прикажано колку е бескрајна детската фантазија, а во нивните дела, детската храброст. Во свет каде што технологијата веќе го окупира и детството, тие две ја откриваат природата – со сите нејзини убавини, но и опасности.
Дејството се одвива во мал град, каде што главните хероини, Маја и Неза, кои случајно се здружуваат, наоѓаат мапа и одлучуваат да тргнат во потрага по царството во кое би можеле да го остварат сонот кој го сонуваат сите девојчиња на таа возраст – да станат принцези. Нивната потрага ги води во нови возбудливи и непредвидливи авантури и настани. Дел од случувањата ќе ги доведат во опасност двете девојчиња кои сепак реалниот свет го гледаат низ една поинаква детска фантастична призма. Тоа што го наоѓаат на крајот, како што и најчесто се случува, не е тоа што го очекуваат, но сепак ги променува на одреден начин и ги учи на нешто ново.
Низ нивните авантури се отсликуваат животите на двете девојчиња во дваесет и првиот век, несфатени, најчесто од нецелосна фамилија, осамени заради преголемата зафатеност на нивниот родител и желно за авантури и откривање на нови светови. Двете девојчиња доаѓаат од различни светови, различни етнички заедници, со различни религии и од различни социјални слоеви, и прикажуваат слога, толеранција и разбирање кои се одлики на сите деца кои сѐ уште не го гледаат светот со предрасуди и безрезервно и се препуштаат само на детската игра.
Во „Двете принцези“ младата авторка Натали Спасова го потврдува својот раскажувачки талент и сензибилитет кој изненадувачки рано го покажа и го потврди пред младите македонски читатели уште со својот прв роман за тинејџери „Прва љубов во Розевата улица“, рано напишан, а објавен уште на неполнолетна возраст.
И овој нејзин втор роман за деца, доаѓа како вистинско освежување во празнината од нови дела на млади и нови автори во литературата за деца. Романот може да се карактеризира како авантуристички роман, но тој пред сè е роман што соодветствува на детската психологија и на возраста за која е наменет. Динамичното и концизно раскажување само се надоврзува на вкусот на младиот читател, зашто децата сакаат директна и течна приказна, без многу опширна дескрипција.
Книгата е илустрирана со цртежи на Тања Вукобрат.
Натали Спасова (1989) дипломира на Факултетот за туризам и менаџмент, а магистрира во областа на руралниот туризам, авторка е на уште две објавени книги.
На возраст од само тринаесет години го пишува својот прв роман за деца – „Прва љубов во Розевата улица“, досега има три изданија и во повеќе основни училишта е вклучен во лектирата по избор на наставниците. Нејзината втора книга „Запалка“ (2014) е роман за возрасни.
И двете книги на Спасова се преведени на неколку јазици.