Македоника Литера

Било и се скрило

Киро Донев

150 мкд

130 стр./ A5 формат (200x140)

      Најновата книга на Киро Донев „Било и се скрило“ содржи повеќе од 80 песни поделени во пет тематски циклуси. Таа е вистински поетски бисер наменет за најмладите читатели, кај кои Донев е најпопуларниот и најчитаниот македонски писател.

      Во неа доминираат хумористично-сатиричните песни, а Киро Донев е познат и толку прифатлив од читателите токму по инвентивниот хумор и ведрина во неговото творештво. Иако се наменети за помлада целна група на читатели, неговиот препознатлив хумор ја брише границата меѓу хуморот наменет за најмладите и за возрасните читатели. Во книгата се објавени и песни за природата, односно на човековата средина, со еколошка, како и гатанковидни прашанки со теми од најблиската животна средина на децата. Јунаци во тие песни се сите нешта во светот и секојдневјето на децата. Тоа е светот на животните, птиците, инсектите и предметите.

      Горјан Петревски, рецензент на книгата, за неа пишува:

      „Стихозбирка го опфаќа речиси сиот свет на детето од најрана, предучилишна, но и раноучилишна возраст која, главно, е и негова публика, онаа што ја освоил и која, бездруго, е најсложената до која може да се допре за да се стекне нејзината љубов и доверба. А Киро Донев ја има среќата извонредно да се разбира со нив за да стане еден од најпопуларните автори кај нас. Во ’Било и се скрило‘ стиховите и пораките течат со леснина, а заедно со нив хуморот на еден неизнасилен начин. Во секоја песна тој е сликар на сè што се случува околу него, но не во црно-бела техника, туку во живи бои за да го отслика животот во сите негови димензии. А приоритет му дава на младиот човек – на детето, со сите придружни елементи на доблести и недостатоци, но секогаш застанува во негова заштита, со онаков приод каков што посакува читателот. Оттука и прифатеноста на овој писател, кој е мајстор на ситуацијата, на живите слики кои се редат една по друга, вдахновен хуморист. И оваа книга му е сета бујата со шега и духовитост од светот и секојдневјето на детето, а песните немаат намера да засмеат, ама тоа го прават на еден чудесно убав и ненаметлив начин.“

      За најновата книга на Киро Донев „Било и се скрило“ д-р Ана Витанова Рингачева вели:

      „Киро Донев искрено, без потценување и со огромна почит им се обраќа на децата. Тој е писател со чија литература растат повеќе генерации, а можеби тајната на неговиот успех се крие во фактот што иако има бели коси тој сѐ уште другарува со детето во себе. Додека децата ги читаат книгите на Киро Донев тие и самите се учесници во играта и се идентификуваат со ликовите. Авторот на моменти им дозволува и да интервенираат во неговите песни, да ја употребат својата раскошна фантазија. Донев во „Било и се скрило“ нуди топла поезија за деца, што ги разгалува и возрасните. Песните на Донев се поврзани со руралната средина, животните, селото, со чистата и убава природа, што им е сѐ подалечна на денешните деца, кои растат во градовите, преокупирани со придобивките на модерните технологии. Но не смееме да заборавиме дека со литературата за деца се вложува во нивната едукација. Сите ние што растевме со книгите на Киро Донев сме добри, одговорни и посветени луѓе, кои истите доблести им ги пренесуваат на своите деца. Македонската литература е привилегирана што го има Киро Донев, во чии книги има одговори на прашањата на нашите деца, кои понекогаш нè оставаат занемени“, посочува Витанова Рингачева.

      Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.

      Нарачај