Македоника Литера

Тајни незнајни

Киро Донев

200 ден.

116 стр., 240 х 170 мм, 2023 г.

„Тајни незнајни“ содржи седумдесетина стихувани и римувани прозни текстови, поделени во четири циклуси. Првиот циклус, со наслов „Азбучна криенка“, е посветен на македонската азбука, при што за секоја буква од македонската кирилица има куса песна, придружена со соодветен цртеж. Во оваа т.н. букварка, најмладите читатели, преку игра на зборови и асоцијации, се поведуваат во учењето на буквите.
Другите три циклуса содржат четириесетина куси раскази срочени како поезија во проза, во кои на најмладите читатели им се откриваат тајните на природата и на животинскиот свет. Расказите во оваа книга се раскажани со јазик и стил лесно прифатлив за децата и препознатлив за Киро Донев, учејќи ги децата што е добро и убаво и што се крие во природата и општеството.
Книгата е илустрирана со седумдесетина цртежи на Мирослав Георгиевски – Миро.
За Киро Донев и за книгата Ацо Гогов пишува:
– Киро Донев е првенствено познат како писател за деца иако во неговиот опус има и наслови кои се наменети за возрасни. Зад себе има цели 60 години творештво – почнувајќи од првите песнички и раскази за деца објавувани низ списанијата некаде во почетокот на 60-тите години па сѐ до најновите негови објави низ списанијата и во повеќе одделни книги. Дека станува збор за автор кој низ изминатите децении стекнал своја препознатливост, свој, да го наречеме така, киродоневски стил, доказ е и најновата книга „Тајни незнајни“. Првиот дел содржи „букварки“, кратки лирски песнички преку кои децата можат да се запознаат со буквите од азбуката на еден оригинален начин. Овде постапката на учење на новите букви има обележје на игра, на нешто необврзано, забавно и досетливо, нешто кое треба да го понесе детето со звучната игра присутна во стиховите. Таа звучна игра повлекува низа асоцијации, тие се редат една по друга, откривајќи му на младиот читател дека сите нешта во светот се поврзани помеѓу себе. Звукот на секоја буква е вовед во нови откритија и сознанија. Учењето на азбуката не треба да биде механичко, круто, ами напротив: секој звук, означен со одделна буква, треба да биде поврзан со нештата кои ги зачудуваат најмладите, со извиците и криците во животинскиот свет, со растителниот свет, со помалку познатите предмети, со машките и женските лични имиња.
Вториот дел од книгата содржи четириесетина кратки раскази кои, стилски, се блиску и до одредницата песни во проза. Во нив главни ликови се шумските животни и децата, но и годишните времиња, месеците, цвеќињата и птиците. Овде пред нас е оној препознатлив свет на Киро Донев, свет во кој сите нешта имаат своја комичност, но не наместена комичност, туку таква која природно произлегува од секое живо суштество. Овде светот е виден од неговата ведра страна. Односот на приказната кон стварноста напати е реалистичен, со прикажување на секојдневните односи помеѓу повозрасните и децата; сепак најчесто е имагинативен, ослободен од логиката, па животните и растенијата зборуваат, и нештата се одвиваат по една „откачена“ логика. И она што е толку карактеристично за Киро Донев како автор на раскази: нивната ритмичка и звуковна организираност постигната преку римувањето кое се восприема како организациски принцип, а не како манир заради постигнување ефекти.