Македоника Литера

Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)

Стјепан Томаш

200 ден.

148 стр., 200 х 140 мм, 2024

 

Романот „Мојот татко спие со ангелите“ првпат е објавен во 1992 година. Потоа Стјепан Томаш ја продолжи приказната и напиша уште два дела и како проширено издание беше објавен со наслов „Мал воен дневник“ (1994). Но во наредните изданија (од 1997) беше публикуван како „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)“ и досега има 15 изданија на хрватски јазик. Книгата е популарна кај младите читатели во Хрватска и е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска. Напишана е во форма на дневник. Главниот лик – девојче, пишува дневник за војната во Хрватска во почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Во вториот и третиот дел се опишани заминувањето на децата од основно училиште во Осиек во австрискиот град Пинкафелд и нивното враќање во Осиек (по стодневен егзил). Преку дневничките записи е раскажана приказната за девојчето Цвијета Матко­виќ. Ненадејната промена во начинот на живот, предвоената и воената ситуација се прикажани од перспектива на дванаесетго­диш­но девојче кое не е сосема свесно што се случува околу него. Сè што гледа е вознемиреност, постојан хаос што станува секојдневие, а потоа и страв кој полека се влева во него и во нејзиното семејство.

На крајот, нормалното детство и слатките проблеми на детето се заменети со проблеми со кои ниедно дете не треба да се соочи. Девојчето одеднаш е обземено од грижа за прет­стојната зима и студот, копнеж за поранешни пријатели, без­грижност од играње и одење на училиште, а потоа разделба со родителите и на крајот повторно живеење во воена средина.

Девојчето се соочува со смрт не само на војници и согра­ѓани, туку и на нејзините најблиски соседи, пријатели од училиште и други врсници. Тоа на тој начин директно се соочу­ва со смртта што е посебен товар за девојче на таа возраст. Токму овие теми го прават ова дело потресно. Едно е да се мисли на војната како производ на возрасните кои на крајот страдаат од неа, а сосема поинаку е кога оние кои се најмалку виновни за тоа, имено децата, треба да се соочат со неа. Ним им се ускратува детството, што само по себе е голема загуба, а тоа се одразува и врз нормалноста на подоцнежниот живот. Напишано како дневник на дванаесетгодишно девојче, со тешкото секојдневие и во воената средина, ова дело носи јасна порака: секое дете треба да биде заштитено од смртонос­ни­­те игри на возрасните.