Силвија Шесто
200 ден.
134 стр., 200 х 140 мм, 2025 г.
На преминот од детска во младешка возраст, Ванда ја открива љубовта, ги доживува своите први разочарувања и многу проблеми поврзани со заљубувањето. Тоа води до низа компликации, мали недоразбирања и, на крајот, до поука. Ванда ја мачат многу пубертетски проблеми со кои не знае секогаш соодветно да се соочи. Растргната меѓу растењето и половото созревање, од една страна, и детинестата потреба за внимание и грижа, од друга страна, запаѓа во генерациски несогласувања, во несреќна заљубеност и се соочува со сознанието дека светот е многу поразличен од тоа како што го замислувала.
„Ванда“ е симпатичен и лесно читлив роман, наменет за деца и млади. Заплетот се врти околу едно градско семејство и неговите секојдневни, тривијални проблеми. Во центарот на ова семејство е девојката по име Ванда, која, влегувајќи во пубертет, почнува да го запознава реалниот живот.
Книгата ги следи личните размисли на сите членови на семејството, освен на најмладиот – помладиот брат на Ванда, Мислав. Главните ликови се претставени преку нивните лични записи (искази), напишани во форма на дневник, односно – секој лик раскажува дел од приказната од свое гледиште. Овие искази се кратки поглавја напишани во прво лице, преку кои читателот има можност да ја погледнеме истата ситуација од различни перспективи. Тоа се субјективни искуства на секој учесник во приказната. Преку реакциите на учесниците на настанот, се запознава нивниот лик.
Покрај семејството, кое го сочинуваат мајката Јагода, таткото Марко, бабата, малата Ванда и нејзиниот помлад брат Мислав, читателот ги запознава и пријателот на Ванда, Игор, нејзиниот учител за дополнителни часови по математика, Берислав, кој е и нејзина симпатија. Потоа, другарката на Ванда, Љерка, а има дури и неколку „гледишта“ од кучето Фарни. Сепак, еден од најважните ликови е гореспоменатата домаќинка Злата. Таа е помошничка на семејството во секоја смисла на зборот. Чистењето и готвењето не се нејзини најголеми доблести. Нејзината вистинска улога е да биде емоционална поддршка за членовите на семејството. Таа е доверлива личност, чуварка на тајни, решавач на проблеми, а понекогаш и рамо за плачење. Таа учествува подеднакво во воспитувањето на децата, како и во превоспитувањето на родителите. Како добар дух на семејството, таа помага повеќе со своето присуство и љубезност отколку со чистењето и готвењето. Авантурите на ова до некаде хаотично но симпатично семејство, чии проблеми најчесто ги заплеткува своеглавата, палавата и досетлива Ванда, се лесна забава за сите деца кои штотуку влегуваат во адолесценцијата. Иако зрелоста изгледа многу поинтересна од детството, Ванда сфаќа дека и таа носи свои проблеми. Овие проблеми се дополнително комплицирани од силни чувства, како што се љубовта, болката и желбата за одмазда. Иако Ванда им подлегнала, со помош на најблиските, таа ја научила лекцијата и се враќа на вистинскиот пат.
Силвија Шесто (1962, Загреб, Хрватска) е афирмирана хрватска писателка за деца и млади. Дипломирала филозофија и литература и завршила Виша тренерска школа. Објавува проза, поезија и драми. Автор на близу 60 книги за деца и млади и на петнаесетина за возрасни, од кои десет романи. Таа има и богат драмски опус. Изведени се петнаесет радиодрами и неколку драми на театарските сцени.
Превод од хрватски јазик: Славчо Пеев