второ издание
Киро Донев
250 ден.
142 стр., 200 х 140 мм, 2026 г.
„Било и се скрило“ на Киро Донев содржи повеќе од 80 песни поделени во пет тематски циклуси. Таа е вистински поетски бисер наменет за најмладите читатели, кај кои Донев е најпопуларниот и најчитаниот македонски писател за деца.
Во неа доминираат хумористично-сатиричните песни, а Киро Донев е познат и толку прифатлив од читателите токму по инвентивниот хумор и ведрина во неговото творештво. Иако се наменети за помлада целна група на читатели, неговиот препознатлив хумор ја брише границата меѓу хуморот наменет за најмладите и за возрасните читатели. Во книгата се објавени и песни за природата, односно на човековата средина, со еколошка, како и гатанковидни прашанки со теми од најблиската животна средина на децата. Јунаци во тие песни се сите нешта во светот и секојдневјето на децата. Тоа е светот на животните, птиците, инсектите и предметите.
Киро Донев е роден на 21 март 1942 година во с. Моноспитово, Струмичко. Завршил Учителска школа во Штип и Филозофски факултет – група Југословенска книжевност со македонски јазик во Скопје. За време на студиите бил редовен соработник во студентските и младинските весници „Студентски збор“ и „Млад борец (каде што објавувал главно раскази за возрасни, репортажи и хумористично-сатирични творби).
Една година работел како учител во родното место, а потоа (од 1965 г.) целиот работен век го помина во редакцијата на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“, првин како новинар, потоа, одговорен уредник на неделникот за деца и млади „Наш свет“ и литературното списание „Развигор“. Соработувал и објавувал свои трудови и во „Нова Македонија“, „Колибри“ и во речиси сите списанија и весници за деца во некогашните југословенски републики, но и во весници за возрасни: „Студентски збор“, „Млад борец“, „Остен“, а во весникот „Вечер“ две години уредувал две страници за хумор и сатира кои сам ги подготвувал. Се пензионира како директор и главен и одговорен уредник на „Детска радост“.
Киро Донев е автор на педесетина литературни дела за деца, млади и за возрасни. Пишува романи, раскази, песни, ТВ и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сценарија за играни ТВ серии, составил неколку антологии... Повеќепати е наградуван, а највисоки признанија од областа на литературата му се наградата „Ванчо Николески“, доделена од Друштвото на писателите на Македонија, „Гоцева повелба“ на манифестацијата „Гоцеви денови“, наградата „Мала вила“ на 21 Меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла, Босна и Херцеговина. Дел од неговото творештво, претежно романи, се преведени на турски, српски/хрватски/босански, бугарски, унгарски, украински и албански јазик, а негови песни и раскази се објавени на многу јазици.
Живее во родното Моноспитово, Струмичко.
Повеќето од книгите на Киро Донев се наменети за деца од помала возраст – од пет-шест до дванаесетгодишна возраст. Карактеристично за него е што во некои прозни дела раскажува во рима, со стихувани реченици и може да се доживува како своевидна поезија во проза, исполнета со инвентивен хумор. Киро Донев има свој препознатлив стилско-лексички исказ, духовит и динамичен ритам со рима и во македонската литература има високо реноме на голем мајстор на прозата за деца од помала возраст. Тој е меѓу најдобрите и најпопуларните македонски автори за деца за помала возраст.
