Михај Манеску
Илустрации: Бјанка Брату
450 ден.
250 стр., 200 х 140 мм, 2026 г.
„Приказната за волшебниот принц“ е исклучително доживување од аспект на современата фантастика, во кое Манеску зема легендарен јунак од класична романска бајка и го внесува директно во хаосот на модерниот Букурешт. На почетокот на приказната две деца случајно го среќаваат тој јунак од бајките – принцот Харап Алб, а потоа заедно, тој и пет деца, тргнуваат во динамична, возбудлива авантура низ градот за да го заштитат скриеното богатство од лукавиот и модернизиран негативeц – Ќосиот. Но ова не е само детска авантура, туку и топла приказна за созревањето, тешките одлуки и пријателството. Судирот меѓу логиката на старите бајки и модерниот град и обидот на средновековниот јунак да се снајде со модерната технологија и градскиот живот, создава фантастичен хумор, тензија и магија, правејќи го ова дело ретко богатство кое му оддава почит на класичното творештво, но истовремено гради возбудлив свет кој ги привлекува и децата и возрасните.
„Богатството на волшебниот принц“ ја раскажува приказната за Себастијан, 13-годишно момче кое преживеало ужасна сообраќајна несреќа во која животот го загубила неговата мајка. Себастијан е принуден да се пресели кај својот отуѓен татко и да ги продолжи своите секојдневни активности по долг период на закрепнување и конфузија.
Заедно со своите пријатели Хорија, Бобо, Лети и Ирис, Себастијан се обидува да продолжи да се справи со тоа што му се случило. Еден ден наидува на мистериозно писмо адресирано до неговата мајка, а потпишано со иницијали Х. А. Во писмото се споменува изгубено богатство, што го поттикнува Себастијан да тргне во потрага Х. А. и по богатството.
Тој открива дека Х. А. не е никој друг туку добро познатиот лик од приказните: принцот Харап-Алб. Но принцот не е каков што го знае од бајките. Тој сега е смешен, донекаде заборавен старец во неволја, загрозен од злобен негативец. Принцот ги предизвикува Себастијан и неговите пријатели да тргнат на фантастично патување за да пронајдат богатство скриено во мистериозна шума, богатство што би можело да ја врати мајката на Себастијан во живот и да го промени целиот свет.
Така започнува авантурата што ги носи шесте пријатели од центарот на градот до неговите опасни и сомнителни периферии, а оттаму, сè подалеку и до границата на познатиот свет, каде што реалноста се среќава со фантазијата.
Во приказната има потера, семејни тајни, злобни ликови кои го блокираат патот на хероите, пречки што мора да ги надминат за да стекнат самодоверба, добродушни фигури кои им помагаат кога се соочуваат со раскрсница и изливи на смеа што ја зајакнуваат врската меѓу пријателите и ја прават потрагата по богатство уште позабавна и подинамична.
Романот беше бестселер на Саемот на книгата „Гаудеамус“ во 2024 година и ја доби титулата „Книга за деца на годината“ на наградите „Картурино“ во 2025 година (најважните награди за литература за деца во Романија). Во 2026 година беше снимен долгометражен игран филм според овој роман.
Превод од романски јазик: Ирина Кроткова
