Првиот број на списанието содржи петнаесетина текстови кои тематски се поврзани со Македонија.
Објавени се текстови на Волф Ошлис, Науме Радически, Валентина Миронска Христовска, Бранка Калоѓера, Васил Тоциновски, Петре Бакевски, Нове Цветаноски, Душко Крстевски, извадоци од дела за Македонија на Артур Лундквист, Франц Дофлајн и Далибор Шимпрага, по една песна за Македонија од Сретен Перовиќ („Македонија екумена“) и Монтагју Ломакс („Македонија, 1903“), како и рубриката „Библиографика македоника“. Текстовите во овој број се однесуваат на Наум Охридски како европски дипломат, состојбите со македонскиот идентитет во 19 век, Димитар Миладинов како аниматор на македонската преродба, првата модерна заложничка криза и Македонија во американскиот печат, американските теми во македонската литература, македонските ракописи на Света Гора, записи за Македонија во времето на Првата светска војна, а е објавен и осврт за романот на Артур Лундквист за Александар Македонски.
Во воведникот главниот и одговорен уредник Науме Радически, по повод појавувањето на МАКЕДОНИКА, меѓу другото, пишува:
„Излегуваме денес токму како поттикнувачи и како трагачи, во најсигурна форма, пак, како афирматори на подзаборавени или на нови истражувачки и аналитички македонистички сознанија. И не само на сознанија од наша национално-културна или просторна провениенција, туку извонредно отворени и приемливи и за сознанија што доаѓаат однадвор. И тоа од повеќе причини. Најмногу поради секогаш актуелната валидност не само на сопствените знаења за себеси, туку и на валидноста на сликата на другите за нас... Поинакви сме можеле и поинакви треба да бидеме веќе според загрижувачките визии на нашите за нас сега недостижни апологети и антиципатори дури и од не така далечното минато. Не малку е и интересно и значајно како сме видени уште и од многу надворешни свидетели за и уште повеќе со нашите растежи, падови, немоќи и пркосења од минатото, но не помалку и денешни. Затоа и ќе настојуваме да бидат овие страници со посебен респект и отвореност кон нив.
Но, излегуваме сигурно не и само колку за пркос. Благороден или каков и да е, се разбира. Ако, можеби и не е – сè уште – и до толку само наивен на македонски начин. Излегуваме, најпосле, затоа што, едноставно, сè уште нè има. Не сакаме да зафаќаме ниту туѓи, ниту веќе зафатени простори, места, позиции. Се појавуваме без да пледираме на, не пак да атакуваме кон којзнае какви откривања ниту на одамна откриени и јасни (за кого ли?), ниту на непознати и нови (а такви секогаш и сè уште ќе има) позиции, сознанија, вредности. Сакаме, едноставно, да бидеме нов оркестар, независно од тоа што би можел да биде компониран главно и од веќе постоечките и, за среќа ли, од не сосема непознати гласови.“