МАКЕДОНИКА 5-6
Двобројот 5-6 (за 2012) на списанието МАКЕДОНИКА содржи близу дваесет текстови кои тематски се поврзани со Македонија, Меѓу другото, е објавен извадок од досега необјавената Историја на Македонија на Павел Шатев, со која тој се легитимира за првиот македонски интелектуалец историограф кој ја користи научната методологија и кој пишува историја на Македонија. Во богатата оставина во ракопис на една од најзначајните личности од македонската историја – Павел Шатев, меѓу другото, се зачувани и повеќе трудови за историјата на Македонија, кои според опфатот на историските периоди, ја зафаќаат речиси интегралната историја на Македонија. На историјата на Македонија Шатев ѝ се посветил последните години од својот живот, користејќи и цитирајќи релевантна светска литература.
Во списанието се објавени и досега недоволно познати документи и материјали пишувани од Методија Шаторов Шарло, потоа спомени на Оливера Тренчева за Костантин Тренчев, еден од основачите на ВМРО 1945 и иницијаторите за плебисцит за самостојна македонска држава во 1945 година, статии на Науме Радичевски за браќата Миладиновци, нивниот зборник и за неразрешената загатка за нивниот животен крај, на Стефан Влахов Мицов за Илинденското востание и македонската еманципација, Нина Анастасова Шкрињариќ пишува за дионисиските елементи во македонскиот фолклор и претставата за самовилите, Зоран Спасовски за нов еволутивен пристап во испитувањето на развојот на човечките гласови и појавата на палаталните гласови во старословенскиот јазик и гласовната структура на современиот македонски јазик во неговата светлина, Васил Тоциновски пишува за македонистичките истражувања на Горан Калоѓера – еден од најактивните македонисти во светот, Љубица Јанчева и Катерина Мирчевска пишуваат за уставните промени во 1971/74 и државноста на Македонија, Невен Радически за антилибералистичкиот удар во Македонија во 70-тите години на ХХ век, Иван Ивањи по повод стогодишнината од смртта на Карл Мај и неговата поврзаност со Балканот и Македонија, а Витомир Митевски за монографијата за црковната традиција на Танас Вражиновски. По повод стогодишнината од раѓањето на Коле Неделковски објавена е негова родољубива лирика, а на крајот на овој број на списанието е објавена рубриката со библиографски описи на петнаесетина нови изданија посветени на македонски теми.
Редакцијата на „Македоника“ од овој број ја сочинуваат: Горан Калоѓера (Хрватска), Мирослав Коуба (Чешка), Науме Радически (Македонија, главен и одговорен уредник), Волф Ошлис (Германија) и Нове Цветаноски (Македонија).