150 мкд
Меѓу другото, во овој двоброј се објавени документи од политичкото досие на Драган Богдановски, а Марјан Иваноски пишува и за дејноста на македонската политичка емиграција, нејзиното вклучување во процесот на плурализмот во Македонија и формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Зоран Спасовски пишува за историјата на македонскиот јазик, задржувајќи се на три хронолошки слоеви на развој и влијанија, односно поставува нови тези за улогата на јазиците кои се зборувале на територијата на Македонија врз развојот на македонскиот јазик.
Драган Ѓалевски пишува за принципите на византиското војување, а Драган Зајковски за создавањето на Охридската (Преспанската) архиепископија – патријаршија и канонскиот статус во времето на цар Самоил и на неговите наследници.
Горан Калоѓера од Хрватска пишува за потрагата по националниот идентитет во македонскиот 19. век, додека пак Силвана Костадинова - Спасова за автономистичките позиции на Коста С. Шахов. Македонка Митрова се осврнува на научната елаборација на Јован Цвијиќ и за османлиска Македонија и за нејзиното население. Димитар Љоровски - Вамваковски пишува за дејноста на митрополитот Каравангелис во Костурско и реакцијата на неговата дејност на македонската револуционерна организација, додека пак Александар Симоновски за еден документ-статија за разобличувањето на дејноста на Дража Михаиловиќ за време на Втората светска војна. Љубица Јанчева објавува статија за создавањето на самостојна и суверена Република Македонија.
Објавени се и два осврта – на Волф Ошлис и на Зоран Тодоровски – за Леонард Шулце Јена и неговата прва научна монографија за Македонија со наслов „Македонија – предел и култура на живеење“.
Во овој број премиерно се објавуваат стихови на хрватскиот поет Андрија Вучемил, посветени на тројца Македонци – политички затвореници на Голи Оток.
Васил Тоциновски пишува за научното дело, односно за македонистичкиот опус на Науме Радически (1953-2014), првиот главен уредник на списанието „Македоника“, од кого е објавен есеј – еден од неговите последни текстови.
И во овој број се објавени библиографски информации за повеќе нови изданија поврзани со македонската култура и историја.