Македоника Литера

Македоника 18

150 мкд

      Волф Ошлис од Германија, кој е и главен уредник на списанието, во овој број пишува за германската македонистика во периодот на Првата светска војна. Тој потенцира дека првите посериозни и потемелни германски научни прилози за Македонија датираат од 18 век, но дека кулминацијата на германските истражувања е во годините на Првата светска војна и тие се најголемите и најдеталните дотогашни проучувања воопшто извршени во Македонија.

      Пишувајќи за тогашниот интерес на германските научници за Македонија, Ошлис вели: „Од политичка гледна точка се прашувале каква енергија ги одржува Македонците кои од времето на Александар никогаш не формирале своја политичка единица, чиј етнички карактер и народен јазик се нејасни, но сепак постојат и под најнеповолни околности. Македонско катадневие биле распуштеното своеволие на турските власти, теророт од албанските качачки банди, разорните епидемии, како на пример, колерата во 1911 година. Од Берлинскиот конгрес во 1878 година до царската средба во Мирцштег во 1902/03 година за Македонија биле планирани програми за автономија, но ништо не се случило. На тоа Германија гледала со `тапоглава неразумност` и го бележела развитокот на Балканот само `преку диоптријата на својот сојузник на Дунав`. Така пишуваше, во 1919 година, во својата книга `Македонија и мирот` Херман Вендел..., најдобриот познавач на Балканот и најискрениот пријател на Македонија...“

      Во број 18 на „Македоника“ Драган Ѓалевски пишува за колапсот на византиската власт на Балканот во VII век и последиците од населувањето на Словените, додека пак архимандрит Никола (Трајковски) за естетските перспективи на христијанскиот аскетизам низ примери од житијата на македонските пустиножители, односно од хагиографските и химнографските дела посветени на  Прохор Пчињски, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски.

      Сашо Огненовски пишува за медиумскиот третман на „аферата“ Мис Стон на почетокот и на крајот на дваесеттиот век, а Предраг Димитровски го презентира започнатиот дневник на Лазо Соколов, во кој се откриваат нови сознанија и податоци за крајот на НОБ во Македонија и за тогашниот политички и воен врв.

      Петре Наковски ја отвора темата за т.н. „грчка“ болница во Полска во која биле згрижувани македонските борци од Граѓанската војна во Грција, Александар Трајановски за липовскиот петровденски масакр (1913), а Марјан Иваноски пишува за македонската политичка дијаспора, односно за општиот конгрес на Движењето за ослободување и обединување на Македонија во 1974 година.

      Вера Стојчевска-Антиќ објавува статија за научната комуникација на Димитриј Оболенски и Ана Пенингтон со Македонија. Ратомир Гроздановски пак објавува аналитичен осврт на книгата „Совети и раскази од Кекавмен“ од Јован Белчовски, а Волф Ошлис дава приказ на зборникот со историографски прилози од германски автори „Македонија – живот и предели“. Објавена е и песна за Скопје од германскиот поет Матијас Брониш, како и библиографски информации за новообјавени трудови поврзани со македонската култура и историја.

      Нарачај