Владимир Илиевски
Ноќна еротска програма
100.00 ден.
Книгата содржи педесетина песни и е петта поетска книга на авторот. Таа претставува своевидно продолжение на неговите досегашни творечки и естетски погледи и постапки.
Оваа стихозбирка, со своите квалитативни параметри, го потврдува креативниот сензибилитет на авторот којшто досега го манифестираше во неговите претходни поетски книги, а што го вброи меѓу најистакнатите претставници на својата генерација.
Иако мотивски песните во циклусите се разнородни, тие на специфичен начин градат кохерентна и цврста поетска целина. Авторот, користејќи ја иронијата, успева во неа да го пронајде она цврсто сврзувачко ткиво на својата поетска и творечка постапка. Иронијата во песните на Илиевски е различно позиционирана. Од една страна, иронијата како да му нуди на авторот едно комотно дистанцирање од поетскиот мотив кој се разгледува и разработува. Илиевски се чувствува доволно слободен да му пријде на проблемот на начин за кој тој мисли дека е најсоодветен. Понекогаш директно дури и грубо, а понекогаш подзатскриено, похерметички со изразена доза на интимност. Од друга страна, пак, иронијата го внесува поетот директно и длабоко во проблемот. Тој станува дел од него. Тоа посебно се чувствува во оние поетски творби во кои Илиевски разгледува и разработува мотиви поврзани со баналноста и истрошеноста на секојдневјето. Битните и небитните нешта ги губат своите позиции, тие си ги менуваат местата, оставајќи му на самиот читател доволно интелектуален простор за самоиспитување за вредностите коишто дотогаш сакал или барем посакувал да ги прифати како релативно цврсти апсолути.
„Ноќна еротска програма“ претставува посебно интересно дело во корпусот на современата македонска поезија. Поетот пронаоѓа и изградува личен и специфичен творечко-естетски приод кон третманот на поезијата и на поетскиот јазик.