Македоника Литера

Возови во пајакова мрежа

Ивица Челиковиќ

ВОЗОВИ ВО ПАЈАКОВА МРЕЖА

100 мкд

      И во својата четврта поетска збирка, Ивица Челиковиќ ја следи творечката преокупација која открива расположенија што извираат од призвукот на една резигнантна филозофија на безизлезот, на трауматичните состојби на современиот подвоен човек.

      Во тој контекст е нагласен стремежот на авторот појдовната инспирација, обраќањето кон едноставните, обични нешта, да го надгради и обликува во една посложена поетска целост.

      Интимните тонови, мекоста и певливоста на изразот се проткајуваат со симболичниот и дискурзивниот слој на песната, кој привидно останува во втор план. Тоа е пред сè во функција на продлабочувањето на поетската визија, на поетските метафизички илузии и на интензитетот на доживувањето на една спиритуална реалност на светот што не мирува, туку постојано се возобновува.

      Во многу нешта авторот и во оваа стихозбирка задржува некои одлики од својата поетика, но се појавува и во нешто поинаква светлина: сега со уште подлабок, поинтроспективен, на места темно засенчен човеков однос кон себеси, нагласен со неговите внатрешни дамари, сомневања и преиспитувања. Притоа не се бара некоја квази-поетска, апстрактна хармонија во себе, надвор од животот, туку хармонија која функционира како единство на перманентните животни пресоздавања, спротивности, конфликти. Таквиот стремеж кон осознавање и надминување на спротивностите во човекот и надвор од него, во оваа книга посебно е нагласено низ една специфична филозофска димензија, едно размислување за минливоста и постоењето, прекршено преку минуциозно одмерување на зборот, рамновесието на чувството и мислата на внатрешниот порив и неговиот адекватен поетски облик.