Македоника Литера

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

Владимир Илиевски

100 мкд

94 стр./125x180

Оваа книга на Владимир Илиевски претставува провокативно, свежо и, пред сѐ, привлечно поетско дело во кое се „анализираат“ фундаменталните точки на поезијата како естетска практика. Таа е

јасна потврда дека поетот има целосно изграден личен став за местото на творецот и на творештвото во современиот свет. Поетската книга Лични податоци е показател дека авторот доследно и постојано ја гради и доградува својата поетика. Таквиот творечки континуитет и поетичка издржаност го поставува Владимир Илиевски меѓу поистакнатите претставници на македонската поезија. Почитувајќи ги зададените „правила“ на сопствената поетика, Илиевски и во ова книга го покажува своето „воодушевување“ од секојдневјето. Тоа неминовно води кон посебен однос кон поетскиот јазик каде што поимот на симболичноста и метафоричноста, како главна одлика на поезијата, поминува низ комплексен естетски процес на преиспитување. Во песните во Лични податоци се чувствува авторовата комуникација со заговорниците на тезата дека поетскиот говор, по правило, би требало да биде повеќезначен, метафоричен, во одредени случаи накитен и дотеран со превезот на благата, или пак, изразената херметичност. Илиевски покажува дека поезијата ја нуди можноста секоја конструирана синтагма да биде набиена со потребната повеќезначност во зависност од спротивставениот однос кон реалниот контекст. Во навидум баналната поставеност кон контекстот, песните на Илиевски не се спротивставуваат на поетската метафоричност, туку, баш напротив, на секојдневниот „обичен“ говор искористен во стиховите му се придава карактеристиката на многузначност, токму во оние поетски ситуации кога реалниот контекст од поетскиот јазик бара посоодветни „попоетски“ естетски решенија. Владимир Илиевски и во оваа своја книга останува доследен во почитувањето на иронијата како средство со која поетот поседува доволно комодитет да го погледне поетскиот проблем одблиску, а истовремено да биде и на некоја потребна дистанца од него.