Времепрашина

Науме Радически

100 мкд

101 стр./ A5 формат (200x140)

      Ова е шеста поетска книга на Радически (1953-2014), кој зад себе остави богат творечки и научен опус од областа на книжевноста и книжевната историја.

      Книгата содржи повеќе од седумдесет песни кои се поделени во три циклуси, од кои најобемниот е насловен како „Песни во настанување“, односно ги содржи последните напишани песни на авторот.

      Во книгата е објавен и поговор на Владимир Мартиновски, кој, меѓу другото, пишува:

      „Воведувајќи заумен поетски неологизам, македонскиот поет, теоретичар, есеист и преведувач Науме Радически (1953-2014) со постхумно објавениот поетски ракопис Времепрашина нè води кон една друга загадочна геопоетичка врска, онаа меѓу времето и земјениот елемент, симболизиран преку прашината која плови во воздухот. За овој поет, прашината прераснува во симбол на поминатото време, на наталоженото историско искуство...

      ...Неговата песна е истовремено и „ослободена“ и „заумна“ и „обредна“ песна! Во поезијата на Науме Радически песната е „семирска сонда“! Таа е „времеплов“ што може да го однесе (или да го врати) поетот во секое време, но и да го насочи и кон некои немерливи страни на времето.

      Песните на овој поет се еден вид патувања до бескрајните длабочини на вселената:промислувајќи ги загатките на времето, поетот нè соочува и со тајните на вечните закони на просторот.

      Натопена во мистичните и ониричните искуства, поезијата на Науме Радически, како видовита и лековита реч, ни ги отвора портите кон вечното и универзалното, водејќи нè кон наслушнувања на ѕвездената тишина и кон простори распеани во сон.

      Науме Радически беше редовен професор по современи јужно­словенски литератури на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Уметничката, кри­ти­чарската и научноистражувачката актива на Радически е разновид­на: поезија, литературна и ликовна критика, лите­ра­турна историја, есеистика итн. Поедини негови поетски творби, критичко-есеистички текстови и статии од литера­турната наука се преведувани на други јазици. Самиот тој преве­ду­ваше од други јужнословенски литератури. Освен македонската литература во минатото и во современоста, негова научна преокупација беа некои спојни теми во јужносло­венскиот литературен контекст како: македон­ските теми во другите јужнословенски литератури, дело­то на Маке­дон­ците кои во минатото создавале литератур­но творешт­во на другите јужнословенски јазици и др.

      Учествувал на голем број македонистички, славистички и балканолошки научни собири во Република Македонија и во странство.

      Учест­ву­вал во уредувањето на весници и списа­нија, како Литературен збор, Стожер, МИТ, а беше главен уредник на списанието Маке­до­ника од неговото основање. Добитник беше на наградата на Културно-просветната заедница на Македонија, на наградата на ДПМ „Димитар Митрев“ и на државната награда „Гоце Делчев“.

      Поважни дела на Науме Радически (1953-2014) беа: од областа на критиката и науката

      Критички интерпретации на младата македонска литература (1983), Релации и континуитет (1996), Метаморфози (1999), Време без збор (2000), Патишта и крстопати низ јужнословенските кни­жевности (2004, награда „Димитар Митрев“), Литературна раскрсница (2006, државната награда „Гоце Делчев“), Аналитички рефлексии (2007), Литературните погледи на Димитар Митрев (2009), Пред алфа и пред делта – прилози за македонската другојазична литература (2011), Словенска алка (2012), Миладиновци (2012), Македонски литературен потсетник, книга 1 (2013); поезија – Постоења и мотиви (1975), Светол тажен вик (1984), Контрасти (1992, награда на Културно-просветна­та заедница на Македонија), Преображение човеково (2001), Астрални проекции (2008, 2012).