Македоника Литера

Еверест

Драго Гламузина

100 мкд

      Гламузина во оваа книга пишува за луѓето кои сè уште чувствуваат, кои сакаат да го живеат задоволството а секое задоволство скапо го плаќаат, но и живеат и копнеат за Другиот. Еросот, неверствата, љубовните триаголници, интригите и партнерските односи се доминанти мотиви, како и во сите досегашни книги на овој автор.

 

      Драго Гламузина (1967, Вргорац) дипломирал ком­па­ративна книжевност и филозофија на Фило­зоф­скиот факултет во Загреб. Работел како новинар и редактор во дневниот весник „Вјесник“, како и редак­тор и заменик на главниот уредник на магазинот „Нацио­нал“. Од 2003 до 2011 година беше главен уред­ник на издавачката куќа Профил, а од 2011 е гла­вен уредник во издавачката куќа ВБЗ.

      Ги објавил книгите: „Месари“ (поезија, 2001), „Три“ (роман, 2008), „Тоа ли е сѐ“ (поезија, 2009), „Еверест“ (поезија, 2016), како и книгата поезија со фотографии на Станко Абаџиќ „Сами во шумата“ (2011).

      За „Месари“ ги доби државната наградата „Вла­ди­мир Назор“ и Квириновата награда за најдобра поет­ска книга за автор до 35 години. За романот „Три“ ја доби наградата на Т-портал за најдобар роман на годината.

      „Месари“, „Три“ и „Тоа ли е сѐ“ веќе се преведени на македонски јазик (сите три во издание на „Македонска реч“), а негови книги се објавувани и во Германија, Сло­венија и Србија.

      Во хрватското издание на „Еверест“ е објавен пого­вор на Делимир Решицки, кој, меѓу другото, пишува:

      „Нема ни малку дилема дека еросот и сексуалноста воопшто, уште во „Месари“..., биле меѓу најинтригант­ните мотивско-тематски слоеви на Гламузина, како во поезијата така и (подоцна) во прозата (исто така награ­дуваниот роман „Три“ од 2008 година). Ништо поинаку не е ни во оваа книга со стихови... Она што е неспорна вредност на оваа книга е фактот дека Гламузина никако и никогаш не се крие зад никаква банална анегдотност, па ни еротската, која и пречесто била последната линија на одбрана на т.н. „стварносна поезија“ и тоа не само во хрватската литература. Поетскиот прототекст и на оваа книга можеме слободно да го побараме на страниците на американската битова книжевност, на Рејмонд Карвер, а некои од подобрите песни кореспондираат, да речеме, со Борис Маруна и неговите песни за пропаднатите брачни односи и сите консеквенции од најтешките, апартни живот­ни одлуки. Навистина, во оваа книга напишал неколку антологиски песни („Меч на столетието“, „Sub specie aeterni­tatis“, „Многу за малку“, насловната „Еве­рест“ итн.), додека целата збирка претставува осмислена и доизградена целина...“