Македоника Литера

Три

Драго Гламузина
Три
(Добитник на наградата на tportal.hr за најдобар роман во Хрватска во 2009 година.)
250.00 ден. 

         „Ова е роман за љубовниците кои никогаш не се обичен љубовен пар – тие всушност секогаш се непар. Секогаш постои некој трет и сите по малку се трети.“ (Р. Перишиќ)
„Брачниот синџир некогаш е толку тежок што двајцата не може да го носат – потребни се ТРИ лица“.

Набргу по објавувањето, романот на Гламузина наиде на извонреден прием и кај читателите и кај книжевната критика во Хрватска, добивајќи и награда за најдобар роман во Хрватска во 2008 година. За таквиот прием потврда се и следните искази за ова дело:

„Три е еден од најдобрите романи кои се појавиле во Хрватска во последните петнаесетина години.“ (Дамир Радиќ)

„Ова е роман за љубовниците кои никогаш не се обичен љубовен пар – тие всушност секогаш се непар. Секогаш постои некој трет и сите по малку се трети. Гламузина испишува слоевита, драматична приказна за љубовта која е сè, само не е рутинска. Три е роман без компромиси, приказна која се памети, жива провокација.“ (Роберт Перишиќ)

„Светот во овој роман, иако навидум е рапав и непријатен, нè вовлекува со неверојатна сила затоа што нуди патување низ духовниот пејзаж, кој ретко кој го искусил. Интригантска приказна за љубовта и измачувањето, љубомората и нежноста, опседнатоста и толеранцијата од која низ кревката душа зрачи елементарна човечност. Не се сеќавам дека некогаш некоја толку тешка книга сме ја читале толку лесно.“ (Зоран Фериќ)

„Одлична книга, сурова и нежна истовремено.“ (Рујана Јегер)

„Сè во овој роман е отворено, од структурата до односите меѓу ликовите, сè е со висок интензитет и не толерира читање на рати, туку „на екс“. (Јагна Погачник)

„Беспоштедното, форензички прецизното будење на страстите, љубомората, љубовта, неверството и преданоста, е впечатливо и не се заборава.“ (Јадранка Пинтариќ)

„Идентификувајќи го пишувањето како креативен чин и љубовнички зачин, Гламузина потсети на „Александрискиот квартет“ на Дурел.“ (Здравко Зима)

„Сјаен роман, кој со полно право ја заслужува титулата хит на летната сезона.“ (Жељка Клеменчиќ)

 

Три е љубовен роман кој покажува дека љубовта не постои без љубомората – но и дека прекумерната љубомора прераснува во опсесија која сама за себе е цел: зашто измамата не е кога се мами партнерот, туку кога се лаже дека не се сака некој друг.

Овој роман донесува приказна за љубовните триаголници, во која, како и во наградувана книга Месари (Македонска реч, 2004), Драго Гламузина мајсторски го опишува она со што е опседнат: демонот на љубовта, светот чија убавина не се мери со црно-белиот морал, па дури и со она што обично го нарекуваме обична и едноставна среќа.

Секвенците од (вон)брачниот живот, крупните и ударни кадри, покажуваат дека се пекол, чистилиште и рај на земјата, покрај нас, или уште поточно: во нас. А на читателот му ветуваат сè, освен спокојство... и љубов која светнува од темнината меѓу сликичките, надевајќи се дека со читањето ќе ја победи тромоста на срцето и на окото.

Мажите се женат затоа што се заморуваат од трагањата, а жените се мажат зашто веруваат во љубовта – во бракот и едните и другите се разочаруваат и тргнуваат да го бараат она што мислат дека не го нашле. И затоа брачниот синџир некогаш е толку тежок што двајцата не може да го носат – потребни се ТРИ лица – како што стои во насловот на овој прв но извонреден роман на хрватскиот писател Драго Гламузина.

Главниот лик во романот, новинар во угледен хрватски весник, опсесивно е врзан за својата љубовница и затоа не се воздржува на кое и да е место да ја доживее прекумерната страст: во автомобил, во парк, во хотелска соба, кафетерија... Тој не верува во љубовта, но верува во изговорените зборови „те сакам“. Но проблемот ќе се појави кога ќе открие дека енергијата од неговата прељубничка страст е дар што му овозможува полнотија на животот, но и казна што е опсесивно-компулзивен, токму како и неговата љубовница. Жестокото мешање на адреналинот и паранојата се заканува да ги уништи не само нивните, туку и животите на оние кои ги опкружуваат. Неговиот страв од конкуренција прераснува во посесивност која не ги познава границите на моралот и култивираноста. Зашто кај чувствителните личности, како што е тој, способноста за самопосматрање и самоконтрола е толку послаба колку што е посилно чувството што го обзема. Тој во текот на целиот роман се бори со својата нереална желба да биде „еден и единствен“. А каде што е прељубата, таму е и лагата. Следењето, проверувањето, потпрашувањето, лажењето – тоа се манифестации на неговата љубомора која има пат, но нема цел. И тој и неговата љубовница се „љубоморни до последната капка крв, и ништо не им е поважно од тоа, а сепак мамат еден друг, но истовремено се и предани, сосема се насочени еден спрема друг“.