Македоника Литера

Никогаш повеќе!

Катажина Грохола

НИКОГАШ ПОВЕЌЕ!

300 мкд

      Наградуван, филмуван и преведуван роман.
Модерна приказна за модерни жени. Роман напишан од жена за жените кои секаде се соочуваат со слични проблеми и перипетии, но не се откажуваат од своите соништа.

      Своевиден водич за тоа што треба да се очекува од потрагата по големата љубов.

      Овој роман, кој е меѓу најпопуларните полски романи во почетокот на овој век, ги опишува прежи­ву­вањата на една напуштена жена која пронаоѓа сила во себе, за да може да обезбеди подобар живот за себе и за својата ќерка тинејџерка. Во трката да создаде нов дом за себе и за својата ќерка, таа неуморно се преиспитува себеси и женскиот род, притоа барајќи ја и чекајќи ја својата вистинска љубов. Пред да ја најде својата голема љубов таа преживува низа непријатни ситуации и проблеми. Иако ова е книга со среќен крај, сепак читателот ќе го остави да размислува за својата или за туѓата љубовна  врска, за разликите на половите и за тоа што сакаат мажите и жените. Книгата е еден вид водич низ тоа што треба да се очекува од својата љубов и колку вреди да се жртвува за неа. Тоа е роман напишан од жена за жените кои секаде во светот се судираат со неверствата, напуштањето и повторното градење на своите животи. Иако повредена, главната хероина Јудита, никако не се откажува од својот сон да го сретне мажот од своите соништа. Она што Катажина Грохола го истакнува во оваа книга е дека и покрај сите перипетии во својот живот жената никогаш не треба да се откажува од своите соништа.

      За романот, и за приказната што ја раскажува во него, авторката пишува:

      „Јудита ја привршува триесет и седмата година, со огорченост си го приспомнува мажот кој ја изневерил, и неизмерно мечтае за големата љубов. Сама гради куќа на село и сама ја одгледува Тосја, која е тинејџер. Дели совети во женско списание и не заработува толку добро колку Бриџит Џонс, ниту се чувствува како успешна жена. Не се срами од своите слабости и комплекси, има смисла за хумор, а по секоја криза од неа експлодира нова бомба на енергија.

      Мислам дека сите сме слични. Во секого од нас тлеат различни копнежи за кои без волја признаваме. Како и за големата романтична љубов и принцот на бел коњ. Јас токму за тоа копнеам.“

      Овој роман од читателите веќе доби највисоките оценки и е широко прифатен во Полска и во Европа, зашто, меѓу другото, писателката на умешен начин сериозните проблеми ги прикажу­ва во ведра светлина и тон и на хумористичен начин. Книгата веднаш ги освои срцата на полската публика и се продава во илјадници примероци. „Никогаш повеќе!“ е првиот дел од циклусот на осум книги наречен „Жаби и ангели“. Читателите го оценија романот како модерна приказна за модерни жени.

      Книгата „Никогаш повеќе!“ е филмувана и е преведена на неколку јазици, меѓу кои и на руски, германски и словачки. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои наградата „AS“ EMPiK во 2001 и 2002 година и наградата „IKAR“ во 2001.

      Нарачај