Македоника Литера

Правек и другите времиња

Олга Токарчук

200 мкд.

329 стр./формат 120x170

      Нестандардно напишан, но извонреден роман. Ги има добиено сите можни книжевни награди во Полска, меѓу кои и најпрестижната награда за литература во Полска – Нике '97 (награда на читателите). Награден е и со Златно перо за превод.

      Правек се нарекува имагинарниот свет што го има создадено Олга Токарчук во својот роман. Тоа е едно просечно полско село, но во исто време и центар на универзумот, еден жив човечко-животински-растителен организам којшто се бори, преживува и се врти во постојаниот процес на изумирање и преродување. Приказната за Правек претставува приказна за човештвото. Токарчук во овој роман создава неприкосновено единство меѓу мислата и материјата, објективното и субјективното, природата и цивилизацијата, филозофијата и секојдневниот живот, промените и повторливоста.

      Во овој роман центарот на вниманието се сложените судбини на ликовите, а сврзувачкото ткиво, елемент на кој му се потчинуваат животните истории на сите суштества, е времето. Оттаму дејството на романот се дели на поглавја кои се нарекуваат: „Времето на Геновева“, „Времето на Михаил“, „Времето на Миша“ итн. Времето на романот може да се третира како двопланско. Дејството почнува во 1914 г. и се доведува до сегашноста, ги опфаќа сите повеќе или помалку значајни настани во историјата на Полска и светот во 20 век, но на тоа време му е дадено едно универзално значење. Сето тоа може да се случува „кога било и каде било“.  „Времето“ на животот на претставниците на трите поколенија жители на Правек ги определува најважните историски епизоди на 20 век. Од перото на Олга Токарчук излегува еден вид роман-епопеја, но за овие настани таа никогаш не зборува непосредно, туку секогаш низ призмата на индивидуалните судбини и длабоките лични искуства на јунаците. Нивното претставување често завршува со некое филозофско обопштување, што му дава универзална смисла на романот.

      Светот на Токарчук се восприема како големо единство, како добро промислена конструкција од разнообразни егзистенцијални сушности. Имињата и презимињата на некои од јунаците имаат симболични значења. За нераскинливата врска меѓу човекот и природата сведочат не само имињата на јунаците, туку и нивните однесувања. Интелектуализмот на прозата на Олга Токарчук, нејзината вештина да проникне во филозофските длабочини, поврзувањето на имагинарното со реалното, ја подведува нејзината литература во доменот на магичниот реализам.

      Она што плени во стилот на Олга Токарчук е нејзината чиста мисла, лесниот тек на приказната, култивираниот стил и употребата дури и на старовремски методи на раскажување и исклучително поетичен јазик на реализмот.

Рецензија на The modern novel

Рецензија на  Marveln Books

      Нарачај