Тања Мравак
МОРА ДА РАЗГОВАРАМЕ
150 мкд
Награда „Јутарњи лист“ за 2010
„Мора да разговараме“ е дебитантска книга на Тања Мравак, која освен што ја доби наградата на „Јутарњи лист“, веднаш, како ретко која книга во последните години во хрватската литература, доби бројни и позитивни одгласи од критиката.
Таа е книжевното изненадување во Хрватска во 2011 година, не само со добивањето на таа награда, туку за критиката и пред добивањето на наградата – за кусо време се јавија десетина литературни критичари од Хрватска и од поранешните југословенски простори.
Непосредно пред да биде прогласена за најдобро прозно дело, „Мора да разговараме“ се закити и со наградата „Славиќ“ на Друштвото на хрватските писатели за најдобра дебитантска книга, а потоа и наградата „Слободна Далмација“ за книжевност за 2010 година.
Најсуштинската поврзувачка алка на петнаесетте раскази во „Мора да разговараме“ е мотивско-тематската одредница разговорот. Дијалозите се основниот елемент, но за раскажувачкиот ефект особено важни се молчењето, расеаноста, ’разминувањето‘ на соговорниците, тишината и паузи¬те, мачните реплики, мрморењето... во разговорите. Со неразбирањето во разговорите е прикажано неразбирањето во секојдневниот живот, во обичните ситуации кои потоа необично завршуваат или ескалираат и се претвораат во судир. Тања Мравак раскажува за невротичните ситуации во секојдневјето, за обичните луѓе во обичните ситуации, најчесто во периодот откако завршила вљубеноста и треба да се премине во постојаност на љубовта. Дијалозите им даваат драмска сила на расказите и низ нив уверливо се изградени ликовите. Јунаците во расказите на Тања Мравак се обични луѓе фатени во мачни ситуации на секојдневјето, кои се наоѓаат во различни релации, но најчесто, иако се 'влезени' во дијалогот, не се допираат еден друг, најмногу поради тоа што „неразбирањето што им се случило многу порано пред да им почне приказната“.
„Мора да разговараме е книга со антологиски раскази. Секој од тие петнаесет може да биде сместен во секоја, и најстеснетата, збирка со најубавите хрватски куси раскази... Расказите на Тања Мравак... се автентични ремек-дела. Само вистинските писатели, и големите писатели, можат од ништо, па уште и со минимум изведбени средства, и на простор од неколку страници, да напишат такви раскази..., со врвно книжевно мајсторство, со совршена контрола во совршеното познавање на емоциите. ...Расказите сјајно ги раскажува, така што читателот останува фасциниран, а писателот во читателот восхитен.“ (Миљенко Јерговиќ).