Македоника Литера

Комо

Срѓан Валјаревиќ

КОМО

300 мкд

      „Комо“ е меѓу најчитаните и меѓу десетте српски романи во едицијата Сто словенски романи, наградуван, меѓу кои и со француската награда Prix des lecteurs du Var за 2011 година; пет години по појавата има девет изданија на српски јазик и е преведен на француски, германски, англиски, италијан­ски, словенечки, бугарски, албански, шпански и шведски.

      Приказната е автобиографска, а се однесува за писател кој добива книжевна стипендија и престој во „Вила Маранезе“ на монденското езеро Комо во Ит­ал­ија. Тоа е приказна со реминисценции на авторот, но и приказ­на за крајот на 20 век; за прогонствата, изгубените генера­ции, желбите, можностите, пороците, судбините... Оценет е како остар и ироничен, непосреден и интересен роман.

      „'Комо' е роман во кој раскажувањето тече лесно и во кој во фабуларна смисла не се случува многу – еден писател кој моментално не пишува се нашол во средина која не е негова, во идиличен крај толку различен од Белград од каде што стигнал, тука сретнува некои луѓе, пие, шета во природа, планинари, конверзира колку што е потребно, и тоа е главно сè. Но тој минимализам со кој се опишува секојдневјето, ноншалантноста со која патем се допираат разни теми и меѓучовечки односи, навистина се ретко успешни до таа мера што читателот не го оставаат на мир додека не стигне до последната страница.“ (Јагна Погачник)

      Срѓан Валјаревиќ (1967) ги објавил: книгата поезија „Џо Фрејзер и 49+24 песни“, прозната книга „Зимски дневник“ и романите „Лист на корката леб“, „Луѓе на маса“, „Дневник на друга зима“ и „Комо“. „Дневник на друга зима“ (2005) беше вклу­чен во десетте најдобри романи во југоисточна Европа, а беше награден и со српски книжевни награди. Негова проза и поезија се преведувани на англиски, германски, француски, шведски и италијански јазик.

      Успехот на неговата проза критиката го поврзува со стилот и пристапот во раскажувањето – Валјаревиќ раскажува меланхо­лично и интимно, со искрена непосредност со која ги освојува читателите и најчесто на исти теми: за осаменоста, егзистен­цијата, скромноста, интимните ужаси и успеси.

      Срѓан Валјаревиќ има необична животна приказна. Него­ва­та биографија е невообичаена за писател. Во српската литера­тура се појави „одникаде“ во средината на деведесеттите години на минатиот век, и оттогаш континуирано го привлекува внима­нието на книжевната сцена. Училиштето не го сакал, на факул­тет не одел, доцна почнал да чита, уште подоцна почнал да пишува, а сепак стана еден од најдобрите современи српски писатели. Во секое свое дело се прикажува себеси, тоа што го доживеал и преживеал за многумина е бесмислено или траге­ди­ја, а за него период среќен за неговото творештво. Го интере­си­раат само фудбалот, музиката, пијалакот, пишувањето и одење­то и за сето тоа пишува во своите дела. Секој свој чекор на повторното раѓање и проодување по тешката болест како после­дица на прекумерното пиење го опишал во својот роман „Днев­ник на друга зима“. Наместо да оди на училиште учел металски занает, се вработил на шеснаесет години, случајно почнал да пишува – за да си создаде свој свет, но раскажува на свој начин, искрено и спонтано. Кога пишувал не работел, кога наоѓал работа престанувал да пишува... Пишувал или работел за да живее, но сработил дела кои се неодминливи во современата српска литература.

Рецензија на Илина Јакимовска, Bookbox, www.off.net.mk

      Нарачај