Македоника Литера

Вашето Височество Животно

Вјачеслав Купријанов

Вашето Височество Животно

200 мкд 

      Во романот Купри­јанов се зафаќа со цивилизациските и антицивили­за­ци­ски­те димензии на човештвото, односно на нечовештвото.

      Тоа е роман на пародијата и алузијата. Во него е опишано тоталното оѕверување или оживотно­ру­вање, а во пародиска смисла тоа е очовековување на животин­скиот свет – процес што, како што пишува авторот, во современото време оди кон својот побе­­доносен крај. Во Русија романот е окарактеризиран како наследник на „Шинелот“ на Гогољ, каде што главниот лик се поја­­­вува по два века и во поинаква облека и со променета човеч­ка душа. Целосната преобраз­ба на човештвото во животински свет се манифестира во сè со што се сретнува човекот во таканаречената современа цивилизација. Главниот херој на романот не е човек, но не е ниту животно во кафез. Овде херојот е необичен литературен лик.

      Романот претставува антиутопија на реалноста на денешни­на­та. Навлегувајќи од една илузија во друга, авторот на инте­ре­сен, фантастичен и сатиричен начин, навлегува во проблемите на револуционерното и постреволуционерното руско општество. Но ова не е само антиутопија на револуцијата, туку и на еволуцијата на човековата совест. Летечкиот објект што се појавува врз зоолошката градина во Москва е моментот кога започнува големата преобразбата на животните коишто полека стануваат суштества што зборуваат, размислуваат и се подготвени да ја преземат контролата врз светот. Паралелно, меѓу луѓето се појавува вонземјанинот Наметка кој е дојден да ги измени историските настани и да ги дисциплинира луѓето, но и тој бива вовлечен во интригите на човештвото во кое луѓето сè повеќе наликуваат на животни.

      Вјачеслав Купријанов (1939, Новосибирск) е реномирано име во современата руска литература – поет, прозаист, преве­дувач, универзитетски професор. Поголемиот дел од неговите дела се објавени на германски јазик, а е преведуван и на полски, македонски, српски, италијански, бугарски, тамилски, англиски. Добитник е на неколку меѓународни награди, меѓу кои: награда на Фестивалот на поезијата во Гонези (Италија 1986); Европ­ска­та книжевна награда во Југославија (1987); Македонското кни­жев­но жезло (1998); Наградата Владимир Соколов (Москва, 2002); Награда на Министерството за образование и култура во Австри­ја за книжевен превод (2007); Меѓународната награда „Бран­ко Радичевиќ“ (Србија 2006); Меѓународната награда „Морав­ска писме­ност“ (Србија 2008); Бунинска награда (Москва 2010).

      Неколку пати бил учесник на Струшките вечери на пое­зијата.

      Член е на рускиот ПЕН центар.

      Автор е на многу дела, од кои позначајни се: Од прво лице (поезија); Животот тече, (поезија); Домашни задачи (поезија); Ехо (поезија); Договорете се (поезија); Подобри времиња (избор поезија); Суров ракопис (роман, објавенен на германски јазик); Обувката на Емпедокле (роман, објавен на гер­ман­ски и на хрватски); Орден на Поларните ѕвезди, (раскази); Шари на бамбусовата покривка (прозни минијатури – објавен на руски и германски); Сината Наметка на Вселената или Вашето Височество Животно (роман, преведен на германски и хрватски јазик); Во таинствениот центар (раскази, на германски јазик).

      Живее и работи во Москва.

      Нарачај