Селведин Авдиќ
200 мкд.
158 стр./ A5 формат (200x140)
(Најдобра книга во БиХ во 2010)
Романот „Седум стравови“ е одлично оценет од книжевната и новинската критика. Веднаш по објавувањето беше многу фален дури и наречен ремек-дело, „бомба од книга, ретко четиво со извонредно градена атмосфера“, „најдобра раскажувачка проза во Босна во 2010“...
Почнува со булгаковски тип на фантастика во која нема јасни граници меѓу рационалното и ирационалното, но романот е пример на ненаметливо спојување на жанрови, и има вешт спој на демонски, енигматични, фантастични, љубовни и воени теми.
Романот е напнат и ни малку „лесен“ роман, кој повеќе од успешно и сосема неизнасилено ги спојува енигмата, фантастиката и љубовната тема, надминувајќи ги првичните очекувања на читателот. Во него е раскажана приказна за човековите стравови и ужаси. Приказната започнува движејќи се во насока на љубовна, односно по постљубовна фабуларна линија каде што главниот јунак по заминувањето на сопругата, осаменоста и деветмесечната депресија помината в кревет конечно се исправа, и соочувајќи се со своите стравови се обидува да зачекори во нешто што се нарекува нормален живот, додека понатаму, малку неочекувано, но без да ја напушти таа фабуларна линија, туку надополнувајќи ја и усложнувајќи ја, се отвора во насока на фантастичното во кое нема цврста граница помеѓу ирационалното и рационалното.
„Станува збор за многу силно дело кое во конвенционална раскажувачка рамка вклопува фантастични и подмолно гротескни елементи, со што постигнува своевидна несведливост и неразрешливост како во филмовите на Дејвид Линч.“ (Јерко Бакотин, Хрватско радио)
„Седум стравови“ е роман со сложен жанровски состав, кој умешно ги поврзува егзистенционалната и воената проза, елементи на детективска истрага и митолошка фантастика.“ (Саша Ќириќ, Новости).
Романот дава „стилски одмерена, раскажувачки силна слика за љубовта и стравот, како одредница на животот.“ (Мирјана Јуришиќ, Вјечерњи лист)
„Двата света во инверзија, светот пред и светот зад огледалото, светот пред и после злочинот, ги раздвојува тенка полупропустлива мембрана. За да биде возможно враќањето на она што било, потребно е да се јави многу тенка линија, пукнатина на дното од огледалото. Меѓутоа, според Авдиќ таквата пукнатина може да настане само со личен напор и ангажман на поединецот. Проблемот враќање назад, односно дефантомизација на општествата на постјугословенскиот регион, се третира како исклучиво личен чин на кој секој од нас треба да се подготви. (Ирена Јаворски, Books)
Селведин Авдиќ е роден во 1969 година, во Зеница, БиХ. Го уредува on-line списанието Журнал и емисијата на БХ радио Free Fight.
Во 2004 година ја објавил збирката раскази Потстанари и други фантоми, која е објавена и во Србија и во Босна и Херцеговина. Расказите од таа збирка се сместени во зборниците и антологиите на краткиот расказ во Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија... За расказите од оваа збирка имам добиено и неколку награди на различни конкурси на списанија. Некои од нив се преведени на англиски, германски, турски и словенски јазик.
Романот Седум стравови, е објавен во 2010 година. Автор е и на водичот Патека на крелевите: Јајце, Шипово, ја уредил книгата со репортажи Земја и монографијата Казнен дом: книга за зеничкиот затвор.