Едуардо Сачери
350 мкд.
264 стр./ A5 формат (200x140), 2016
„Тајната во нивните очи“ на Едуардо Сачери е роман во кој низ очите на главниот лик Бенхамин Чапаро, судски службеник од Буенос Аирес, е раскажана приказната која оставила најголема трага во неговиот живот.
Овој трилер, виртуозно раскажан од Сачери, го прикажува долгогодишното разрешување на еден грозен чин од времето на турбулентната и крвава политичка ситуација во Аргентина во 70-тите години на минатиот век.
Филмската адаптација на овој роман ја доби наградата оскар за најдобар странски филм во 2010 година. Сачери, заедно со режисерот Хуан Хосе Кампанеља, е сценарист на филмот. Во 2015 година овој роман доби уште една екранизација, овојпат во холивудска продукција.
Во центарот на дејството, кое се одвива во 70-тите години на дваесеттиот век, во мермерните простории на еден аргентински суд, се секретарот Бенхамин Чапаро и неговиот алкохолизиран пријател Пабло. Приказната на Едуардо Сачери почнува три децении подоцна, кога Чапаро, веќе пензионер, има доволно време да ја преосмисли и да ја напише таа приказна која не му излегува од умот. Додека се обидува да пишува книга за случајот, триесет години подоцна, пензионираниот Чапаро се присетува на деталите од истрагата за силувањето и убиството на младата жена во нејзината спална соба. Како што навлегува во минатото, Чапаро исто така се сеќава и на почетоците на неговата долга и навидум неостварлива и сè уште неостварена љубов кон Ирене Орнос, некогаш само практикантка, а сега угледна судијка.
Романот е преведен на повеќе јазици, меѓу кои и на англиски, португалски, италијански, француски, германски, кинески, полски, унгарски, бугарски и српски јазик.
New Yorker за романот пишува дека е „интригантен и возбудлив трилер од Аргентина, кој ги проби границите на државата и на континентот, и доби светско признание. Истовремено криминална приказна и приказна за една неостварена љубов.“
„Приказната е раскажана со моќ и страст. Повеќекратно испреплетена со животниот пат на еден интелигентен и силен маж, но на крајот љубовта се покажува како најмоќно средство“ – напиша Buenos Aires Herald.
„Интригантно и честопати фасцинантно... Оваа книга е пред сѐ мистерија со убиство, но фокусот на Аргентина во 70-тите и внатрешната тегоба на протагонистот додаваат слоеви комплексност. Топла препорака за читатели со интерес за напнатост, историја и за човечката психа“ – напиша Library Journal.