Ото Хорват
150 мкд.
123 стр./ A5 формат (200x140)
Романот одново ги поставува прашањата како да се раскажуваат приказните, како да се помести раскажувачкиот глас и да се извести светот за најтрагичниот момент, како да се размести она што се вика живот, изместен од болката на смртта на ближниот.
Јунакот во романот, кој има автобиографски карактер, ги раздиплува своите сеќавања за загубениот животен сопатник, покажува како се преживува и како се живее со мачнината што ја носат тагата и болката поради смртта. Во овој исповеден роман има и многу љубов, и многу тага, и многу меланхолија и многу чувство на вина за немоќта што јунакот во приказната не ја победил смртта.
Ова дело на Хорват во 2015 беше финалист на најпрестижното книжевно признание во Србија – наградата за најдобар роман на неделникот НИН, а ги доби наградите „Билјана Јовановиќ“ и „Мирко Ковач“ (прв добитник на оваа нововостановена награда во четири категории на подрачјето на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Србија, која се доделува во Ровињ, Хрватска). Само за неколку месеци по објавувањето во 2014 година доживеа три изданија во Србија, а набргу беше преведено и објавено на германски и унгарски јазик.
Ото Хорват напишал несекојдневен роман за присуството и отсуството, за смртта и животот, за тагувањето и преживувањето, за љубовта и болката, за Орфеј и неговата мртва сакана... Напишал роман за тешко описливите живи последици на смртта.
„Сабо запре“ е нетипичен роман, тоа е емотивна проза меѓу автобиографска терапија и катарзична исповед за претсмртните и постсмртните трауми на сведокот на бавното и долго умирање.
Ото Хорват (1967, Нови Сад, Србија) студирал во Нови Сад, Ерланген и Берлин. Пишува и преведува поезија од унгарски, германски и италијански јазик. Објавени неколку поетски книги и е добитник на неколку награди за поезија. „Сабо запре“ е прв негов роман и прва негова книга преведена на македонски јазик. Живее и работи во Фиренца, Италија.