Зоран Пилиќ
150 мкд
Зоран Пилиќ е раскажувач кој во својата проза посебно внимание ѝ посветува на приказната. Јунаци во тие приказни се малите луѓе од општествените маргини соочени малите нешта кои се од големо и судбинско значење за тие мали луѓе. Станува збор за писател со оригинален, привлечен и префинет стил со чувство за важното и неизговореното.
„Нема слонови во Мексико“, во која се објавени девет раскази, во Хрватска е оценета како исклучително интересна и квалитетна книга во која се препознава специфичниот стил на авторот, за кого се карактеристични темите во кои има и хумористични но истовремено и мрачни места, има и херои и антихерои кои ќе се најдат и во војна и во мир, и во љубов и во страв, има и русокоси словенечки поетеси и осамени чудовишта од влашките легенди... Тоа е книга со луцидни и духовити дијалози, но и со необични јунаци, а авторот се потврдува како искусен раскажувач и сликар кој одлично ги слика ликовите на своите обични и необични јунаци.
„Пилиќ е мајстор за мрачни приказни, не за мрачни раскази, свесен дека вистината не треба да се препишува, туку од неа да се кондензира најдоброто и да се потцртаат оригиналните литературни решенија. ...Новата книга на Пилиќ може да се опише со една нејзина реченица – `Импровизација, опуштеност и реализација – како на баскет`. Сѐ е многу лежерно, но зад тоа сепак стои јасен и не премногу гласен концепт, накусо – навистина сјајна книга.“ – пишува Јагна Погачник за оваа книга.
„Книгата ’Нема слонови во Мексико‘ е освежувачка, затоа што излегува од рамките на стандардниот раскажувачки метар, ги нарушува границите на пределите, обидувајќи се да направи чекор во чудесното, кое исто така не е ослободено од животната втемеленост. Значи, Зоран Пилиќ ги испитува границите до коишто може да оди раскажувањето во своите поместувања, но не со некои експериментални бравури на постмодернизмот, туку со самата приказна, која во крајноста е единственото мерило на нештата.“ (Ѓорѓе Крајишник).
Зоран Пилиќ (1966) е роден во Загреб, Хрватска, растел во Далмација и во Босна и Херцеговина, а од крајот на 80-те години на минатиот век живее во Загреб. Денес пишува за книги и за паракнижевни појави на порталот booksa.hr.
Ги објавил книгите: „Doggiestyle“ (збирка раскази, 2007); Krimskrams (роман, 2009); „Ѓаволи од хартија“ / Đavli od papira (роман, 2011); Dendermonde (поезија, 2013) и „Нема слонови во Мексико“ (збирка раскази, 2014).
Неколкупати бил финалист за најзначајните книжевни награди во Хрватска. Со романот „Ѓаволи од хартија“ беше финалист за наградата на „Јутарњи лист“. „Нема слонови во Мексико“ беше меѓу најзабележителните објавени книги во 2014 година и е наградувана. Според неговите раскази од „Doggiestyle“ на Академијата за драмски уметности во Загреб е изведена претставата „Секс, лаги и еден ангел“ (2009). Со расказот „Кога Џиновите одеа по земјата“ беше победник на Фестивалот на европската куса проза во 2015 година во Загреб. Негова проза е преведена на англиски, германски и на шпански јазик. „Нема слонови во Мексико“ е негова прва книга на македонски јазик. Со расказите од оваа книга „Крајот на летото“ и „Волкорајец“ е избран во „Десетте нови гласови од Европа“ за 2016 година.