Ивица Пртењача
150 мкд
Главниот протагонист, истовремено и наратор во „Брдо“, поранешен маркетиншки менаџер, ги напушта својата граѓанска егзистенција, промоциите, отворањата на изложби, поканите и говорите за да се искачи на брдото кое доминира на некој јадрански остров и оттаму, од напуштена воена караула, цело лето го чува островот од пожари. Таму, во друштво на остарено магаре, го доживува врвот во својот живот. Ги минува трите најважни, најтажни и најсреќни месеци во својот живот.
Префинетиот стилски израз овозможува читателот да ја запознае јунаковата внатрешност, а на брдото, односно во приказната, покрај него се јавуваат современи поклоници кои доаѓаат на духовни подготовки, бајкери, изгубени души на новото време, војници со поствоен синдром, ловци, злосторници: островот ги памети трауматичните 90-ти години од тие простори. Сето тоа е распослано во реалистична но суптилно раскажана приказна, токму онака како што се испишува најубавата поезија. Ова е длабоко вознемирувачки текст, исполнет со емоции...
„Брдо“ е награден со прва награда на анонимниот конкурс на хрватската издавачката куќа V.B.Z, во конкуренција на дури 137 ракописи. Се смета за едно од најдобрите дела објавени во последните две-три години во хрватската литература. Беше финалист и за други книжевни награди во Хрватска и во регионот.
„Во средиштето на ’Брдо‘ е еден од најважните проблеми на нашата доба: губењето на идентитетот. Но романот не се исцрпува само во тоа, туку на читателот непрекинато му се откриваат нови слоеви. Така ’Брдо‘ може да го читаме и како приказна за современиот светец. Можеби човекот кој чува други луѓе од пожар и наоколу дели леб е навистина св. Фрањо на нашето време? Овој сјаен и комплексен роман ќе ни помогне да го препознаеме.“ (Зоран Фериќ)
„Стилски изграден, поетски вдахновен, тематски актуелен и со симболи прошарен роман со голема моќ и човечност. Навистина, добро е, убаво е тоа ’Брдо‘“ (Јагна Погачник)
Ивица Пртењача е роден во 1969 година во Риека, Хрватска. Од својата петнаесетта година работи разни работи – од градежен работник и магационер до уредник во радио и водител.
Пишува поезија, проза, драмски текстови и колумни.
Објавил десетина книги со поезија проза и добил исто толку книжевни награди. Преведен е на неколку јазици, а оваа му е трета преведена книга на македонски јазик (по романот „Добро е, убаво е“ и стихозбирката „Суровост“). Застапен е во повеќе избори и антологии на хрватската поезија.
Живее и работи во Загреб.
Рецензија на порталот Najboljeknjige.com