Саманта Швеблин
200 мкд.
144 стр./ A5 формат (200x140)
Хипнотизирачките приказни во „Птици во устата“ го пробиваат реалното со застрашувачка жестина. Сурови, несекојдневни, необични: чудното напати се наметнува во нив со банално и премолчено сомневање. Кај други, пак, со насилна и неповратна густина, како во кафкански кошмар.
Наградена со „Каса де лас Америкас“ во 2008 година, оваа книга со 18 раскази ја поминува тенката линија што го дели фантастичното од реалното, натприродното од секојдневното, со еден флуиден и прецизен стил и со конкретна визија на светото, што потврдува дека Аргентинката Саманта Швеблин е еден од најважните и најоригиналните раскажувачи од својата генерација прозаисти на шпански јазик.
Саманта Швеблин (1978) е аргентинска писателка од германско потекло. Дипломира на кинематографската школа на Универзитетот Буенос Аирес. Пишува раскази и филмски сценарија. Добитник е голем број награди за своите раскази. Нејзината прва збирка раскази, „Суштината на нередот“ (2002), е добитник на првата награда на Националниот фонд за уметност во 2001 година. Втората нејзина збирка раскази „Птици во устата“ (2009) ја доби наградата на „Каса де лас Америкас“ во 2008 година. Во 2010 година, британското книжевно списание „Гранта“ ја смести меѓу 22 најдобри писатели на шпански јазик помлади од 35 години. Во 2012 година ја доби наградата „Хуан Рулфо“ за расказот „Човек без среќа“, а во 2014 е добитник на наградата „Конекс“ за раскажувачкиот опус во периодот 2009-2013. Во 2015 година ѝ е доделена меѓународната награда за кратка проза „Рибера дел Дуеро“ за книгата „Седум празни куќи“, а истата година и наградата „Тигре Хуан“.
Нејзините раскази се преведени на повеќе јазици, меѓу кои на англиски, француски, германски, шведски, чешки, српски.
За расказите на Швеблин во оваа книгата српскиот писател и преведувач Бранко Анџиќ, кој е одличен познавач на современата аргентинска литератуира, напиша:
„Во наративниот свет на Саманта Швеблин, во секоја приказна во него, секогаш постои речиси незабележителна пукнатина низ која нејзините протагонисти се обидуваат да дојдат во некоја друга, поблагородна реалност којашто ние читателите, ниту пак тие како ликови, како да не ја познаваме... Сите текстови на Саманта Швеблин предупредуваат: исто како и приказните на Рејмонд Карвер или Габриел Гарсија Маркез. Доброто користење на грубиот, директен јазик без придавки го создава тоа чувство на двојно дно, постоењето на нешто (заканувачко?) неискажано и неискажливо, но подлабоко и поважно, што ги презира слаткоречивоста и тапкањето в место. Можеби сето тоа е само друго име за книжевност за суштината на нештата.“
Оваа книга е прв превод од творештвото на Саманта Швеблин на македонски јазик.