Ш. И. Хсиунг
300 мкд.
332 стр. / A5 формат (200x140)
Романот е социјален, духовит и сатиричен, базиран на реални и вистински историски настани. На извонреден, ненаметлив и мајсторски начин, авторот го запознава странскиот читател со кинеската култура, обичаите, традицијата и општествените настани во периодот од крајот на 19 и почетокот на 20 век, во бурните и драматични настани по кои Кина од царство станува република.
Ш. И. Хсиунг е кинески писател, преведувач и универзитетски професор. Тој е првиот кинески писател чие драмско дело е поставено во театар во Лондон и е првиот декан на колеџот Цин Хуа во Хонгконг. Еден е од тројцата најпопуларни кинески писатели надвор од Кина во дваесеттиот век.
Образованието го добил на Универзитетот во Пекинг. Потоа предавал на Универзитетот Мин Куо во Пекинг и на универзитетот во Нанчанг. Уште во тој период превел неколку дела од англиската книжевност.
Во 1932 година се преселил во Англија, каде што студирал англиска книжевност, но почнал да преведува и кинеска литература на англиски јазик, меѓу другото и драми. Со својата драма „Дамата Драгоцена Река“, напишана на англиски јазик според кинеска оперска претстава, а поставена во театар во Лондон, тој доживеал огромен и молскавичен успех. Таа драма потоа била изведена во Швајцарија, Ирска, Германија и во други европски земји. Била поставена и во Њујорк, САД, а во 1950 година била филмувана.
Хсиунг напишал уште неколку успешни дела, иако тие не го постигнале успехот на „Дамата Драгоцена Река“.
Автор е на следните книги: „Дамата Драгоцена Река“ – 1935, „Романса во западната соба“ – 1935, „Професорот од Пекинг“ – 1939, „Мостот на Небесата“ – 1943 и „Животот на Чанг Каи-Шек“ – 1948.
Ш. И. Хсиунг е меѓу најафирмираните кинески писатели во странство во првата половина на минатиот век и е еден од тројцата големи мајстори во кинеската литература кои имаат најголем придонес во културната размена меѓу Кина и Запад, посебно во полето на книжевноста. Но тој својата голема афирмација како писател првин ја стекна во странство (Англија), па дури потоа во Кина, каде што веќе беше респектиран како преведувач и универзитетски професор. Неговите дела, кои во основа многу суптилно и од втор план ги афирмираат кинеската култура, традиција и историја, па првенствено беа атрактивни и привлечни за странските читатели, многу подоцна станаа популарни и кај кинеските читатели. Така, романот „Мостот на Небесата“ првпат на кинеска територија беше објавен во 2012 година од пегиншкиот издавач ФЛТРП (Печат за изучување странски јазици и истражување – Foreign Language Teaching and Research Press / FLTRP).
Англиското издание на „Мостот на Небесата“ првпат беше објавено во Лондон, во 1943 година, значи – во текот на Втората светска војна, кога употребата на хартијата била ограничена заради воената економија. И покрај воената атмосфера, книгата само за еден месец била продадена во десет илјади примероци. Таа постигнала голем успех во Англија, така што само првите три години доживеала дванаесет изданија, а подоцна е преведена на француски, германски, холандски, шведски и шпански јазик.
На мајсторски начин авторот му ја пренесува Кина на читателот на Запад. „Книгата е социјален сатиричен роман, таа е духовита и хумористична, стил што е карактеристика за мојот дедо“, ќе ја оцени неодамна внукот на авторот Сјионг. Во предговорот на изданието на романот во Хонгконг, самиот автор пишува за мотивот и пристапот во пишувањето на делото – дека многу кинески писатели насликале непријатни портрети на ликови од својот народ, прикажувајќи карикатури кои им се препуштале на полигамијата, врзувањето на нозете или пушењето опиум. Затоа тој сакал да напише социјален роман базиран на реални и вистински историски настани, со кој ќе го претстави кинескиот народ во странство.
На крајот на романот е објавен осврт за него од Френсис Вуд, како и мемоарски текст на синот на авторот Хсиунг Дех-Та.