Јалмар Седерберг
200 мкд
140 стр./ A5 формат (200x140), 2018
Во ова ремек-дело на шведскиот класик Седерберг главниот лик е 30-годишен доктор, кој се вљубува во млада и убава пациентка, омажена за стар корумпиран свештеник, кој постојано ја присилувал на сè помалку подносливи „брачни должности“. Кога првпат била објавен (1905), романот предизвикал скандал поради храбриот опис на брачно малтретирање и силување, но и заради контроверзните оправдувања на абортусот, евтаназијата и убиството.
Малку романи поттикнале толкаво гнасење како „Доктор Глас“ на Јалмар Седерберг. Дури толку доцна во 1980-тите години, пишува шведскиот академик Керстин Екман, бил нарекуван застојана книга во една литературна програма на културното радио. Младите медицинари кои во наше време, забележува Екман, го имале како споредно четиво во своите студии, сведочеле за својата неволност кон приказната за лекарот кој извршил убиство врз пациент. Кога романот бил објавен во 1905 година избувнала жестока полемика.
Во романот „Доктор Глас“ психолошкото преиспитување на главниот лик, и неговите морални дилеми, едновремено евоцираат онаков вид интроспекција што кај Достоевски е варирана и изведена во сета своја сложеност, а и некои нови тематски осврнувања што се создале со новиот, модерен стил на живеење, потребите, општествените движења, развојот на науката, и тоа пред сè медицината и психологијата.
„Доктор Глас“ е поставен врз многу противречности. Станува збор за лекар на новото време, кој живее во главниот град на Шведска, Стокхолм, но неговата докторска практика, како и животниот хоризонт се сведени на провинциски рамки. Иако има напредни и слободоумни погледи врз животот, закотвен е во еден стокхолмски дистрикт, па така своите напредни сфаќања не може да ги сподели со своите пациенти, познаници и пријатели што ги среќава во својот мал универзум на среќата. Амбивалентноста внатре во една личност е тема што Седерберг во овој роман доследно ја развива. Подвоеноста меѓу лекарските, етички принципи, што во професионалната и човечката смисла го определуваат, и ограничуваат, и исто така медицинските, но не и етички, туку биолошки начела што ги запознал, го претвора докторот Глас во мошне растроен, колеблив, модерен човек – фрлен во егзистенцијална опстановка на самата граница. Граница што не е за преминување.
Јалмар Седерберг (1869-1941) се смета за еден од најдобрите шведски прозни стилисти на својата епоха, мајстор на малата прозна форма. Романот „Доктор Глас“, покрај „Сериозната игра“ (1912), е негово најценето дело. Освен романи, пишувал и песни, новели, козерии и драмски текстови.