Македоника Литера

Бегалски мозаик

 Ен Мајклс

 250 мкд

 233 стр. /A5 формат (200x140)

 

   „Бегалски мозаик“ е најпознатото дело на Ен Мајклс. Наградено е со дури 12 високи книжевни награди. Според овој роман, во 2007 година, е снимен игран филм во режија на Џереми Подесва, а главните улоги ги толкуваат Стивен Дилејн (Јакоб) и Раде Шербеџија (Атос). Шербеџија ја доби наградата за најдобар актер на Римскиот филмски фестивал за улогата на Атос. 

   „Бегалски мозаик“ е сублимат од поезија и проза, а критичарите веднаш по појавувањето го оценија како „меланхоличен и величествен“ и роман акварел. Го сметаат за еден од најдобрите романи од англиското јазично подрачје од крајот на 20 век.

   Главниот лик во приказната е Јакоб Бер, како дете одвај спасен од холокаустот во Полска. Го спасува грчкиот геолог Атос Русос, кој го посво­ју­ва и го води да живеат на островот Закинтос во Грција. Се грижи за него и се обидува да го воведе во нормалниот тек на животот и во реалноста, настојувајќи да го внесе во светот на археологијата, геологијата, поезијата, книгите, картографијата, ботаниката... По војната двајцата емигрираат за Торонто, Канада. Приказната го следи животот на Јакоб, како расте, како се жени и ги поминува животните премрежиња и како ги преживува кошмарите од своите спомени и соништа. Ен Мајкл ги слика епизодите или миговите од животот на еден возрасен човек и на едно момче, кои настојуваат да ја најдат убавината на животот и тогаш кога ја нема.

 Романот е напишан со поетски стил, со голема лирска раскош и со цврсти слоеви на метафора. Тој е роман за проклетството на бегалците, за трагедијата на луѓето кои ги преживеале Втората светска војна и холокаустот и кои, покрај сите трауми, го осмислуваат животот надвор од својата татковина.